ЛЕКСИКОНОТ НА СТРАНСКИ СЛИКАРИ ВО МАКЕДОНИЈА Е ПОРТА ЗА НАС ВО МИНАТОТО – ПРОМОВИРАНО ИЗДАНИЕТО НА МИЛОШЕВСКИ И АНДОНОВ

    ЛЕКСИКОНОТ НА СТРАНСКИ СЛИКАРИ ВО МАКЕДОНИЈА Е ПОРТА ЗА НАС ВО МИНАТОТО – ПРОМОВИРАНО ИЗДАНИЕТО НА МИЛОШЕВСКИ И АНДОНОВЛексиконот „Странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950 година“ на авторите Влатко Милошевски и Зоран Андонов беше промовиран викендов во Охрид. (Фото: СДК.МК)

    „Лексиконот на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“ на авторите Влатко Милошевски и Зоран Андонов беше промовиран во научниот и уметнички центар Куќа на Уранија – МАНУ во Охрид. Во Лексиконот, на речиси 400 страници претставени се биографиите на 246 странски сликари и 590 фотографии од нивните дела создадени во Македонија во периодот помеѓу 1850 и 1950 година. Овие ликовни дела, акварели, бакрорези, цртежи, графики, илустрации, се инспирирани од луѓето, градовите, пејзажите, обичаите или од историските настани кои се случиле во Македонија, во втората половина на 19 и првата половина на 20 век, велат авторите.

    Академик Љупчо Коцарев кажа дека уметничкото творештво собрано во Лексиконот има непроценлива вредност за иднината на Македонија.

    „Оваа книга зборува за уметничкото творештво видено низ очите на странците кои во периодот 1850-1950 година биле на овие простори и сведочат за македонскиот непокор, за творештвото македонско. Затоа јас упорно тврдам дека за иднината на Македонија се потребни две работи, науката и уметноста. Науката за да можеме да имаме подобар економски раст и развој, а уметноста за да не бидеме заборавени“, рече Коцарев.

    Лексиконот е резултат на речиси 20-годишното истражување и собирање слики на Влатко Милошевски, кој во својата исклучително богата збирка има над 250 оригинални слики од повеќе странски сликари. (Фото: СДК.МК)

    Историчарот на уметност Милчо Георгиевски, промотор на Лексиконот, кажа дека ова е луксузно дело кое го отсликува животот во минатото.

    „На околу 400 страници на ова луксузно издание се претставени 246 странски сликари со нивните биографии и 590 фотографии од нивните дела, а нејзините корици се порти низ кои можеме влеземе и ѕирнеме какви биле нашите села и градови во минато, какви биле и што правеле луѓето во тоа време и какви се настани им се случувале. Лексиконот е голема збирка на автентични ликовни сведоштва на обични луѓе, уметници, кои секој на свој начин ја доживеале и претставиле земјата и луѓето помеѓу кои, под разни околности поминале одреден дел од нивните животи“, рече Милчо Георгиевски.

    Лексиконот е резултат на речиси 20-годишното истражување и собирање слики на Влатко Милошевски, кој во својата исклучително богата збирка има над 250 оригинални слики од повеќе странски сликари.

    „Во 2004 година на аукција наидов првин на 3 дела од сликарот Никола Петковиќ, а веднаш потоа и слика од Георг Ханел и тогаш се запрашав како е можно за така кратко време да се најдат две дела со македонска тема на аукции во странство. Тогаш почнав да истражувам по каталози, по архиви на музеите во Лондон, Париз, Вашингтон и видов дека низ светов има многу ликовни дела со македонска тематика во колекции на најпознатите светски галерии. Со оваа книга сите можеме да се гордееме. За Македонците ова е уште еден пример колку малку знаеме за нашата историја и колку многу прекрасни епизоди од нашата историја може да се откриваат“, вели Влатко Милошевски.

    Новинарот и фотограф Зоран Андонов кажа дека кон работата на Лексиконот се придружил кога сè она што како слики и материјал го собрал Милошевски требало да се преточи во печатено издание.

    „При подготовката за печатеното издание на материјалот што го собирал Влатко Милошевски, требаше уште еднаш да се проверат сите податоци за овие сликари, посебно внимание обрнавме и многу истражувавме за да дојдеме до што е можно поточни податоци кога овие сликари престојувале во Македонија, зошто дошле тука, каде престојувале, кои места ги посетиле, кои нивни дела овде ги насликале“, вели коавторот Андонов.

    На голем број од овие ликовни дела може да се забележи дека самите автори на нивните слики ќе запишат „Македонија“ како место каде настанала сликата и тоа во период кога Македонија ниту постоела како држава ниту пак со тоа име официјално се означувала нејзината територија. Но и покрај тоа тие странски сликари знаеле каде се и како се викала таа земја каде престојувале.

    Лексиконот е напишан на македонски и англиски јазики и е замислен да биде културен промотор на Македонија. Во рамките на промоцијата на Лексиконот, исто така во Куќа на Уранија – МАНУ во Охрид се изложени шеесетина оригинални слики настанати во Македонија во споменатиот период од приватната колекција на Влатко Милошевски. Изложбата ќе биде отворена до 5 август.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира