Мерната станица кај Ректоратот напладне покажала загадување со ПМ10 од 370 микрограми на метар кубен, а во Општина Центар загадување со ПМ10 било 320 микрограми, а со ПМ2.5 140 микрограми на метар кубен.
Во останатите градови најзагадено било во Кавадарци, каде се измерени 430 микрограми на метар кубен ПМ10, потоа во Тетово 400 и во Кичево 200.
Пред два дена стотици граѓани протестираа пред Градското Собрание во Скопје, организирани од неколку еколошки организации.
Во знак на револт поради енормното загадување на воздухот протестот заврши со фрлање црни балони пред бараките на администрацијата на Град Скопје на градоначалникот Коце Трајановски.
Претходната недела протестираа и жителите на Битола, каде со години воздухот е енормно загаден, а ниту локалните ниту централните власти преземаат подрастични мерки за да се намали загадувањето.
Во меѓувреме од Државниот инспекторат за животна средина изјавија дека нема казни за поголемите фабрики, бидејќи тие загадувале во рамки на дозволеното, а нема казнети ниту на локално ниво.
Единствена фабрика која минатиот месец беше затворена по налог на Државниот инспекторат за животна средина е Југохром од Јегуновце, бидејќи не го испочитува продолжениот рок од две години што и го даде Владата да постави филтри за прашина.
Енергетските капацитети, меѓу кои и РЕК Битола, според законските прописи филтри за прашина треба да постават до 2017 година, иако за останатите индустриски капацитети овој рок истече во април 2014 година.