Француските еколози деноноќно се обидуваат да го нахранат опасно ослабениот кит белуга кој залутал во реката Сена. Досега напорите се неуспешни. Групата за заштита на морето „Морски пастири од Франција“ (Sea Shepherd France) твитна дека „нашите тимови се менуваа покрај белугата цела ноќ. Секогаш ја игнорира рибата што му се нуди“. Тие ќе се обидат со витаминска инјекција да му помогнат да си ја поврати силата и да исплива 160 километри до Ла Манш и оттаму до Арктикот каде што му е природното живеалиште.
Изгубениот кит белуга долг 4 метри за првпат беше виден во француската река во вторникот, далеку од неговото арктичко живеалиште. На снимките од дрон на француските противпожарни служби се гледа дека китот полека меандрира во водите на реката Сена на 70 км северно од Париз, кај Руен во Нормандија, десетици километри подалеку од морето.
Еколозите од петокот се обидуваат да го нахранат со харинга ослабениот бел цицач и велат дека се во трка со времето, оти се плашат дека китот полека гладува и може да умре.
Властите во регионот Ер изјавија дека китот бега од чамците и не реагира на обидите да го водат кон побезбедни води. Луѓето кои се обидуваат да му помогнат на китот се максимално ненаметливи за да „избегнат стрес кој може да ја влоши неговата здравствена состојба“, се вели во соопштението.
Властите вчера рекоа дека на кожата на китот се појавиле мали дамки, но сè уште не е јасно дали ова е реакција на слатката вода на реката Сена – за разлика од неговото природно живеалиште во солена вода – или знак на влошување на неговото здравје.
Експертите се збунети како китот успеал толку да се оддалечи од своето природно живеалиште – студените води на Арктикот и под Арктикот. Белугите повремено одат на југ наесен за да се хранат, но ретко се случува да одат толку далеку од родната средина. Но, сепак, ова не е толку необично. Во мај, кит-убиец беше пронајден мртов откако влегол во реката Сена во Нормандија. Планот за упатување на четириметарскиот мажјак кит орка назад во морето со помош на звучни дразби не успеа, а експертите подоцна заклучија дека е сериозно болен.
Во 2019, мртов кит беше пронајден во реката Темза во близина на Грејвсенд, соопштија британските власти. Ова се случи само неколку недели откако умре грбав кит виден како плива во истиот дел од реката. Се сметаше дека залутал во Темза поради навигациска грешка, веројатно за време на плимата и осеката.