Јавното претпријатие Комунална хигиена-Скопје вчера не им ги продолжи договорите на 33 вработени, за кои од фирмата велат дека со месеци и години земале плата, а не оделе од работа. Отпуштените биле вработени преку Агенција за привремено вработување, а од „Комунална хигиена“ соопштија дека во претпријатието „мора да се стави крај на расипничкото трошење на парите на граѓаните и посветено да се работи на подобрување на услугите и исполнување на нашите обврски кон граѓаните“.
Од 12 јули, нова директорка на Комунална хигиена е експратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Косана Мазнева, а директорите во јавните претпријатија ги именува градоначалничката Данела Арсовска.
Отпуштените вработени денеска реагираа дека се отпуштени поради политички пазарења, а не поради нерегуларност на работа, а уште помалку затоа што се непотребни.
„Нашата присутност лесно може да се провери преку безбедносните камери и потписите во списоци за редовност на работниците, а што се однесува до електронскиот систем, не на сите им се даваат потребните картички за евидентирање токму за овие манипулации! Сите работни места од нашето заминување ќе бидат пополнети со партиски послушници, затоа што тоа беше целта. Според законот за систематизација во Комунална хигиена, освен тие позиции што дополнително се ослободија од нашето отстранување, има уште многу други слободни позиции, што значи дека образложението на директорката дека сме биле нередовни и непотребни само ни го отвора законскиот пат да си го бараме нашето право“, велат работниците.
Заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Абдул Селами, член на ДУИ, со објава на Фејсбук, која ја избриша по неколку часа, на Арсовска ѝ кажа дека нема право да отпушта вработени.
„Данела, немој да мислиш дека си нашла планина без волк, па ќе можеш да правиш што сакаш. Даноци на имот, плаќања за вода, за општинска хигиена, за паркови и зеленило – тоа се плаќања од истите граѓани, кои ти со ова твое владеење ги запоставуваш и ги третираш како граѓани од втор ред. Немате предвидено ниеден кадар – Албанец во дирекцијата, каде што раководи градот Скопје, па од неодамна почна и да отпушташ работници – Албанци од работа!“.
Арсовска ги осуди заканите од Селами и кажа дека отпуштените се од различни етникуми, главно оти не доаѓале на работа.
„Тоа што на некој не му е продолжен договорот значи дека раководството не е задоволно од неговата работа, а најголем дел од тие лица што не им е продолжен договорот воопшто не се појавувале на работа. Таму не се работи за етникум, затоа што има лица што се од сите етникуми, се работи за лица кои што не доаѓале, не си ги извршувале своите работни обврски, и најголем дел кои не се појавувале на работното место. Доколку некој смета дека треба овие лице треба да се поддржат во тоа, нека излезе нека каже јавно“, рече Арсовска.