Моќно невреме погоди области во централна и јужна Европа, при што загинаа најмалку 13 луѓе, меѓу кои и три деца. Смртни случаи, главно од паднати дрвја, се пријавени во Италија, Австрија и на францускиот остров Корзика.
Силен дожд и ветер уништија кампови на Корзика, додека во Венеција беше оштетена камбанаријата на популарната базилика „Свети Марко“.
Силното невреме уследи по неколку недели суша и жештина во поголемиот дел од континентот.
На Корзика се регистрирани ветрови од 224 километри на час. Властите кажаа дека 13-годишно девојче загинало откако паднало дрво во еден камп. Во сличен инцидент загинала и една постара жена, откако откинат покрив паднал врз нејзиниот автомобил.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан ја посети Корзика и потврди дека има шестмина загинати.
Во Австрија, две девојчиња загинаа од паднато дрво близу езеро во Корушка. Вкупно пет лица загинаа во Австрија како последица на невремето и едно во Италија.