Јапонија затвори уште два гранта во македонското здравство во вкупна вредност од 161.000 евра, со кои Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје доби дигитален подвижен ангиограф и дигитален ехо апарат.
Ангиографот вреден 100.000 евра од денеска е достапен за пациентите со кардиоваскуларни заболувања, додека ехо апаратот беше инсталиран пред една година и за тој период биле направени 2.000 прегледи и 800 интервентни процедури.
„Повод за мојата денешна посета на болницата ‘8 Септември‘ е затворањето на два гранта обезбедени преку Јапонската програма за мали грантови. Јапонија донираше дигитален ехо апарат за Одделот за интервентна радиологија и дигитален мобилен ангиограф за Одделот за кардиологија. Мило ми е што преку ехо апаратот се овозможија над 800 сложени интервентни процедури и 2.000 прегледи за само една година. Втората донација двојно ќе го зголеми капацитетот за кардиопроцедурите“, изјави јапонскиот амбасадор во Македонија, Хиронори Савада.
Тој потсети дека од 1996 година, Јапонија преку оваа програма поддржала 171 проект во здравството, образованието и животната средина во Македонија, во вкупна вредност од 8,5 милиони евра, надевајќи се дека соработката ќе продолжи и во иднина.
Г. КОНЕВ