„Газпром“ потврди дека гасоводот Северен тек 1, кој ги поврзува Русија и Германија преку Балтичкото Море, ќе остане затворен на неодредено време, откако било утврдено истекување на масло од една турбина.
Гасот кон Европа требаше повторно да протече денеска по тридневниот застој, но „Газпром“ уште вчера кажа дека тоа нема да се случи. Гасоводот наводно бил затворен поради одржување.
Цените на енергијата драстично се зголемија откако Русија ја нападна Украина во февруари и се стравува дека ќе продолжат да растат поради намалените залихи. Европа се обидува да ја намали зависноста од руските нафта и гас, но транзицијата можеби нема да може да се изведе така брзо.
„Рускиот потег не нè изненадува. Користењето на гасот како оружје нема да ја промени решителноста на Европската Унија. Ќе го забрзаме нашиот пат кон енергетска независност. Наша задача е да ги заштитиме нашите граѓани и да ја поддржиме слободата на Украина“, изјави шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Русија ги обвини западните санкции за одолжувањето на поправките на гасоводот, додека ЕУ смета дека тоа е само изговор.
Северен тек 1 се протега 1.200 километри под Балтичкото Море и ги поврзува рускиот брег близу Санкт Петербург и североисточна Германија. Отворен во 2011, преку него максимално можат да се испраќаат 170 милиони кубни метри гас на ден.