Окупираната нуклеарна централа Запорожје ја изгуби врската со својот последен преостанат далновод, објави Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), додавајќи дека таа сега се потпира на резервната линија за снабдување на украинската мрежа со електрична енергија.
Во исто време, украинската компанија за атомска енергија „Енергоатом“ кажа дека во функција е само еден од шесте оператори на нуклеарката.
Инспектори на ИАЕА дојдоа во централата во вторникот откако се појавија грижи за нејзината безбедност. Директорот на агенцијата Рафаел Гроси изјави дека интегритетот на централата бил нарушен повеќепати.
Сместена близу градот Енерходар во јужна Украина, со нуклеарката Запорожје и натаму управуваат украински инженери.
„Персоналот на централата им кажа на нашите експерти дека четвртиот оперативен далновод веќе не е во функција. Останатите три биле изгубени порано во конфликтот. Сепак, резервната линија испорачува струја во мрежата и може да обезбеди електрична енергија за централата доколку е потребно“, соопшти ИАЕА.
Од „Енергоатом“ кажаа дека биле принудени да го исклучат петтиот реактор поради „постојано гранатирање од окупациските руски сили“.