КАДИРОВ И НАЦИОНАЛИСТИТЕ ЈА КРИТИКУВААТ РУСКАТА ВОЈСКА ЗА ПОРАЗИТЕ ВО УКРАИНА, ПУТИН МОЛЧИ И ОТВОРА ПАНОРАМСКО ТРКАЛО

    КАДИРОВ И НАЦИОНАЛИСТИТЕ ЈА КРИТИКУВААТ РУСКАТА ВОЈСКА ЗА ПОРАЗИТЕ ВО УКРАИНА, ПУТИН МОЛЧИ И ОТВОРА ПАНОРАМСКО ТРКАЛОПутин во саботата се обрати на гала концертот по повод Денот на Москва (Фото: Прес-служба на градоначалникот на Москва)

    Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кој е сојузник на Владимир Путин, ја критикуваше руската војска по губењето на стратешки важниот град Изјум викендов, признавајќи дека руската воена кампања во Украина не се одвива според план.

    „Ако денеска или утре не се направат промени во спроведувањето на специјалната воена операција, ќе бидам принуден да одам кај водството на Русија за да му ја објаснам ситуацијата на терен. Не сум стратег како оние од министерството за одбрана, но јасно е дека се направени грешки“, изјави Кадиров, ветувајќи дека одземените места ќе бидат вратени.

    „Нашите луѓе се таму. Уште 10.000 борци се подготвени да им се придружат. Во најблиската иднина ќе стигнеме до Одеса“.

    И руските националисти го повикаа Путин да направи итни промени со цел да се обезбеди победа во Украина, што се некои од првите критики за руската војска од почетокот на инвазијата. Падот на Изјум е најголемиот руски воен пораз од повлекувањето од околината на Киев во март.

    Додека руските трупи се повлекуваа од градовите и селата во харкивскиот регион, Путин во Москва го отвораше најголемото панорамско тркало во Европа. Руското министерство за одбрана притоа објави снимки кои наводно прикажуваат испраќање трупи во харкивскиот регион.

    „Бројни проруски канали на Телеграм велат дека ова е пораз. Еден угледен руски воен аналитичар кажа дека нивните трупи се во оперативна криза и дека Украина ја презела иницијативата во војната“, напиша новинарот на „Ал Џазира“, Габриел Елисондо.

    Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу досега јавно не се огласија за последните случувања во Украина.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира