ВО МСУ СЕ ОТВОРА РЕТРОСПЕКТИВАТА НА СИМОН УЗУНОВСКИ, ЕДЕН ОД ПИОНЕРИТЕ НА УМЕТНИЧКИТЕ ИНТЕРАКТИВНИ ИНСТАЛАЦИИ

    ВО МСУ СЕ ОТВОРА РЕТРОСПЕКТИВАТА НА СИМОН УЗУНОВСКИ, ЕДЕН ОД ПИОНЕРИТЕ НА УМЕТНИЧКИТЕ ИНТЕРАКТИВНИ ИНСТАЛАЦИИЌе бидат изложени повеќе од 100 дела нд Узуновски и обемна фотодокументација (Фото: МСУ)

    Вечерва во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје се отвора ретроспективната изложба на Симон Узуновски (1949-2018), еден од пионерите на уметничките интерактивни инсталации во Македонија. Насловена „Пат за Волкодери – Ретроспектива“, творештвото на Узуновски ќе го претстават историчарите на уметноста Марика Бочварова-Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, негови блиски пријатели и директни сведоци на неговото делување уште од 1970-ите.

    Ќе бидат изложени повеќе од 100 дела, кои вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи. асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции на Узуновски, во чија изведба вклучуваше голем број луѓе, ќе бидат претставени преку обемна фотодокументација.

    „Симе зрачеше со неверојатна животна енергија и ентузијазам, со еден вид афирмативна, привлечна сила, околу која гравитираше нашата генерација. Секогаш беше подготвен да иницира и анимира настани и случки, како во секојдневниот живот, така и во уметноста. Со своите концептуални практики, Симе пополни една празнина во развојот на современата уметност, во време кога на уметничката сцена сè уште беа присутни доцномодернистичките формални образци од претходната деценија“, велат Неделковска и Димитровски.

    Со своето уметничко делување, Узуновски отвори сосема поинаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини.

    Изложбата во МСУ ќе биде отворена до 25 октомври.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира