ДАРЈА РИЗОВА ЈА ОСВОИ НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБРО АКТЕРСКО ОСТВАРУВАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „РИСТО ШИШКОВ“

    ДАРЈА РИЗОВА ЈА ОСВОИ НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБРО АКТЕРСКО ОСТВАРУВАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „РИСТО ШИШКОВ“Ризова доби 1.500 евра и златен медаљон со ликот на Шишков (Фото: СДК.МК)

    Дарја Ризова ја освои наградата за најдобро актерско остварување на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“, која е копродукција на МНТ и Сартр Театар од Сараево. Како што соопшти жирито, Ризова покажала моќна и ефектна актерска експресија со внатрешен емоционален набој со редуцирани изразни средства.

    „Нејзината свесност за сценско присуство ја потврди прецизноста при креирањето на улогата, како и умереноста во камерната игра. Таа на сцената прикажа исклучителна актерска игра за камерен театар со гола и суштествена игра, речиси без никакви концептуални решенија и ефекти. Покажа актерски сензибилитет, кој истовремено е младешки и бунотвен, а неверојатно ранлив, топол и искрен, едноставен и современ“, соопшти Звездана Ангеловска, претседателка на жирито.

    Во чест на Ризова, Националната опера и балет синоќа ја изведе балетската претстава „Болеро“, во кореографија на Саша Евтимова.

    На ФКТ „Ристо Шишков“ настапија девет театарски претстави од земјава, Бугарија и Србија, а за единствената награда конкурираа 25 актери. Ризова доби парична награда од 1.500 евра и златен медаљон со ликот на Ристо Шишков.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира