По претпремиерата во струшкото село Збажди и официјалната македонска премиера во Скопје, Штип ќе стане третото место во Македонија каде што Симон Трпчески ќе го изведе својот музички проект „Македонисимо“, за кој владее големо интересирање во градот.
Концертот ќе се одржи утре од 19 часот на отворено, на плоштадот Слобода. Трпчески пред неколку години гостуваше во студената сала на Домот на културата, на што тој не се жалеше, додека публиката го следеше неговиот настап во капути. Сите се надеваат дека времето утре ќе биде поволно за музичарите и публиката.
Отворениот концерт на Трпчески предизвикува голем интерес кај штипјани, а по најавата дека е бесплатен, потребно е само да се понесе столче. Општина Штип најавува дека се подготвува посебна организација за следење на концертот.
Квинтетот „Македонисимо“ го сочинуваат уште Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, а зад удиралките е Влатко Нушев. Концертот е во организација на Здружението за култура и уметност „КултурОп“.
В понеделник вечер „Македонисимо“ ќе се изведе и во Битола.
Т. ЈОВАНОВСКИ