Руските војници кои ќе одбијат да се борат, дезертираат, нема да почитуваат наредби или ќе му се предадат на непријателот сега се соочуваат со затворска казна од десет години.
Ова го предвидува новиот закон потпишан од Владимир Путин, со кој се заоструваат казните за оние кои не сакаат да се борат во Украина. Според претходниот закон, дезертерството се казнуваше со пет години затвор.
Зајакнувањето на дисциплината следува додека се појавуваат извештаи за сè поголем отпор кон мобилизацијата во Русија, што оваа недела ја прогласи Путин. Исто така, бројни борбено способни Руси ја напуштаат земјата, што предизвика километарски редици од возила на граничните премини кон Казахстан, Монголија, Финска и особено кон Грузија.
Путин потпиша уште еден закон со кој им се олеснува пристап до руското државјанство на странците кои ќе служат во руската армија најмалку една година. Тие ќе можат да аплицираат за државјанство без да бидат жители на Русија најмалку пет години, што е вообичаената постапка.