Лидерката на крајната десница Џорџа Мелони прогласи победа на вчерашните парламентарни избори во Италија и се очекува да биде прва жена на премиерската функција во историјата на земјата. Таа треба да ја формира најдесничарската влада од Втората светска војна.
По гласањето, Мелони кажа дека нејзината партија Браќа на Италија ќе владее во интерес на сите и нема да ја изневери довербата на народот.
„Италијанците испратија јасна порака во полза на десничарска влада, водена од Браќа на Италија“, додаде Мелони.
Се предвидува дека Браќа на Италија ќе освои 26% гласови, а на второто место ќе заврши Демократската партија на Енрико Лета.
Сепак, десничарската алијанса на Мелони, во која уште се Лига на Матео Салвини и Форца Италија на Силвио Берлускони, ќе има контрола во двата дома на парламентот со вкупно 44% освоени гласови. Големиот успех на Браќа на Италија ги прикрива слабите резултати на нејзините партнери, зашто Лига освои околу 9% гласови, а Форца Италија нешто помалку.
Одлуката кој ќе биде новиот премиер ќе ја донесе претседателот Серџо Матарела, што би можело да потрае.