ИДНАТА ИТАЛИЈАНСКА ПРЕМИЕРКА МЕЛОНИ ГО ОТФРЛА ФАШИСТИЧКОТО МИНАТО, А КАКО НЕПРИЈАТЕЛИ ГИ ИСТАКНУВА ЛГБТ ЛОБИТО, СОРОС И ИМИГРАЦИЈАТА

    ИДНАТА ИТАЛИЈАНСКА ПРЕМИЕРКА МЕЛОНИ ГО ОТФРЛА ФАШИСТИЧКОТО МИНАТО, А КАКО НЕПРИЈАТЕЛИ ГИ ИСТАКНУВА ЛГБТ ЛОБИТО, СОРОС И ИМИГРАЦИЈАТАМелони беше најмладата министерка во историјата на Италија, а на чело на Браќа на Италија е од 2014 (Фото: АП)

    По вчерашните парламентарни избори, сè поизвесно е дека Италија ќе ја добие првата жена на премиерската функција во својата историја. Се очекува Џорџа Мелони да ја предводи првата десничарска влада во Италија од Бенито Мусолини и Втората светска војна, откако нејзината националистичка партија Браќа на Италија, која има неофашистички корени, освои околу 26% гласови.

    Четириесет и петгодишната римјанка имаше метеорски подем во партијата, која пред четири години освои само 4% гласови. По долги години во опозиција, нејзиниот бескомпромисен пристап наиде на плодно тло кај фрустрираните Италијанци, кои по седум влади за 11 години ја видоа Мелони како единствената неиспробана политичка опција. Таа дополнително го зацврсти својот углед на кохерентен политичар кога одби да ја поддржи владата на Марио Драги, што доведе до овие избори.

    Во 2008, кога имаше 31 година, Мелони стана најмладата министерка во историјата на Италија, преземајќи го секторот млади и спорт во владата на Силвио Берлускони.

    Мелони е на чело на Браќа на Италија од 2014. Оваа партија беше формирана пред една деценија за да ги пренесува духот и наследството на крајната десница во Италија, која влече корени од Италијанското социјално движење (МСИ), формирано на местото на Фашистичката партија.

    Родена во Рим, Мелони имала само една година кога татко ѝ Франческо го напуштил семејството и се преселил на Канарски Острови. Тој бил левичар, а мајка ѝ десничар, поради што се појавија шпекулации дека Мелони го избрала својот политички пат за да му се одмазди на отсутниот татко. По преселбата во Гарбатела, Мелони на 15-годишна возраст се придружила на Младински фронт, младинското крило на МСИ.

    „Јас сум жена, мајка, Италијанка, христијанка и тоа никој не може да ми го одземе“, изјави Мелони на еден митинг, додека ја водеше кампањата под стариот фашистички слоган „Бог, татковина и семејство“.

    Таа, сепак, ја отфрла фашистичката етикета на нејзината партија, тврдејќи дека оваа идеологија припаѓа на минатото.

    Како свои непријатели ги истакнува ЛГБТ лобито, Џорџ Сорос и масовната имиграција, при што се залага за воведување поморска блокада на Либија и го поддржуваше Владимир Путин до руската инвазија на Украина.

    „Мелони не е опасност за демократијата, но е опасност за Европската Унија. Таа е на истата страна со Марин Ле Пен и Виктор Орбан и сака Европа на нации. Италија би можела да стане тројански коњ на Путин, кој преку неа би можел да ја ослабне Европа“, смета аналитичарот Џанлука Пасарела од универзитетот Сапиенца во Рим.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира