Лидерот на самопрогласената Народна Република Доњецк, Денис Пушилин, призна дека украинската војска освоила уште две села во околината на важниот стратешки град Лиман и дека тамошниот руски гарнизон е во полуокружување.
По ослободувањето на харкивскиот регион, украинските сили продолжуваат да напредуваат кон истокот, додека Владимир Путин прогласи анексија на четири региони, меѓу кои и Доњецк.
„Вестите од фронтот се алармантни. Украинската војска со сите сили се труди да ни го расипа овој историски настан. Ова се многу непријатни вести, но гледаме трезвено на ситуацијата и извлекуваме поуки од грешките“, изјави Пушилин, додавајќи дека првите мобилизирани војници веќе пристигнале во Доњецк.
Руските сили го зазедоа Лиман уште во мај и тој им служеше како клучен логистички центар за натамошно освојување на Доњецк. Украинците напредуваат кон градот од три насоки, со што околу 5.500 руски војници се во опасност да бидат опколени.
Ако го ослободат Лиман, Украинците ќе бидат на само 60 километри од соседните градови Северодоњецк и Лисичанск.