Претседателот Стево Пендаровски побарал помош од Европската комисија (ЕК) за справувањето со енергетската криза на денешната средба со претседателката Урсула фон дер Лејен во Софија, соопшти неговиот кабинет.
„На средбата се разговараше за актуелната енергетска криза при што претседателот Пендаровски изрази очекување за помош од Европската Комисија во контекст на европската солидарност во справувањето со кризата. Соговорниците разговараа и за текот на скрининг процесот како важна фаза во пристапните преговори за членство во Европската Унија на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски истакна дека земјава е подготвена да ги направи потребните реформи во клучните области, како дел од пристапниот процес“, се вели во соопштението.
Пендаровски, по покана на бугарскиот претседател Румен Радев, денеска во Софија присуствува на церемонијата за почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија. На церемонијата, присуствуваат и Фон дер Лајен, Илхам Алијев, претседател на Азербејџан, премиерите на Грција Киријакос Мицотакис и на Романија Николае-Ионел Чука, претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Пендаровски на церемонијата кажа дека ова е значаен настан бидејќи се случува во клучен момент, кога нашиот регион и континентот се соочува со изгледите за тешка зима, зголемена инфлација и преголема невработеност.
„Интерконекторот отвора нова, сигурна порта за диверзифициран природен гас, не само за земјите домаќини, туку, во крајна линија, и за Југоисточна Европа. Јасно е дека колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид. За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Северна Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока“, рече претседателот Пендаровски, упатувајќи честити на Азербејџан за, како што рече, конструктивната улога во текот на целиот потфат и ја поздрави подготвеноста на Грција и на Бугарија за проширување на енергетската инфраструктура во нашиот регион.
Пендаровски посочи на потребата и од поголема европска солидарност, нагласувајќи дека паневропската солидарност на дело може да ги ублажи ефектите од акумулираниот евроскептицизам, што според него, е нуспроизвод на долготрајната европска интеграција.
„Нашите граѓани очекуваат помалку реторика и поконкретна поддршка. Во вакви околности, најдобриот начин за ублажување на негативните последици врз нашите економии е Европската Унија да го одобри нашето пристапување во нејзините механизми, фондови и инструменти за управување со кризи. Ако нашата иднина е во Обединета Европа, цела и слободна, како што е кажано многу пати, време е да се намали меѓу-државната конкуренција, да се погледне малку подалеку од тесните национални интереси и да се зајакне солидарноста и соработката како единствен излез од оваа невидена глобална ситуација со која се соочуваме“, рече Пендаровски.
Гасниот интерконектор Грција – Бугарија (проект IGB) ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора. Имплементацијата на проектот има за цел да обезбеди диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.
Во рамки на посетата на Бугарија, Пендаровски на автопатот „Струма“ ќе положи цвеќе на местото на автобуската несреќа во која на 23 ноември 2021, загинаа 45 македонски граѓани.