Повеќе од 40 лидери на европски земји утре ќе се сретнат на првиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЦ) во Прага, Чешка.
ЕПЦ, формирана на предлог на францускиот претседател Емануел Макрон, е составена од 27 земи членки на ЕУ и 17 други европски земји: Турција, Велика Британија, Украина, Азербејџан, Ерменија, Србија, Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Норвешка, Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија и Грузија.
Според соопштението на ЕУ, целта на ЕПЦ е да се поттикне политички дијалог по прашањата од заеднички интерес и да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Од ЕУ додаваат дека станува збор за платформа за политичка координација и не претставува замена за која било постоечка организација, структура или процес, ниту пак има за цел формирање нови во оваа фаза.