ШТИПСКИ ОЏАЧАР ПРЕЖИВЕА НАД 50 УБОДИ ОД ОСИ, ГО НАПАДНАЛЕ ДОДЕКА ЧИСТЕЛ ОЏАК ВО КУЌА

    ШТИПСКИ ОЏАЧАР ПРЕЖИВЕА НАД 50 УБОДИ ОД ОСИ, ГО НАПАДНАЛЕ ДОДЕКА ЧИСТЕЛ ОЏАК ВО КУЌАЕдинствениот професионален оџачар во Штип Илија Димишков не знаел дека во оџакот имало осило. (Фото: СДК.МК)

    Рој оси кои направиле оџило во оџак го нападнале единствениот професионален оџачар во Штип Илија Димишков кој почнал да го чисти за престојната грејна сезона. Димишков кој е долгогодишен оџачар, вели дека она што го доживеал во понеделникот му се случило првпат и ќе го памети до крајот на животот.

    „Благодарам на сопственикот на куќата што ми помогна да се спуштам по мердевените, иако почна да ми се врти во главата, а од болки по тилот мислев дека главата ќе ми пукне. Со неговиот автомобил како брза помош во најголемиот сообраќаен шпиц во Штип ги поминавме сите возила и кога се приближивме до болницата почнав да губам свест од силни болки“, вели по заздравувањето Димишков.

    Случајот го потврди и персоналот на Кожното одделение во штиопската болница каде веднаш му била дадена потребната терапија и неколку часа примал соодветна инфузија.

    „Брзото хоспитализирање и дадената терапија придонесоа да не се прошири алергијата која во почетокот беше само површински и локална. Пациентот очигледно има јак организам со солиден имунитет иако, како што самиот кажа, досега во животот воопшто немал убод од пчела или оса. На негово инсистирање уште истиот ден го пуштивме на домашно лекување, а наредниот ден кога прими уште една терапија контролата покажа дека е во добра состојба“, вели дерматологот д-р Јулијана Максимовиќ-Милева, началничка на Кожното одделение.

    Димишков третиот ден од настанот на негово барање пак се вратил на местото каде се случил нападот од ројот оси, но овој пат со позасилена заштитна опрема. Оџакот не бил користен неколку години па осите си направиле осило. Сега, осилото целосно е уништено, а оџакот исчистен.

    „Долги години чистам оџаци, но вакво нешто досега не сум доживеал. Сум поминал илјадници оџаци, ама досега не сум наишол на оџак кој бил полн со оси кои си направиле свое засолниште. Само што ја спуштив ортомата со ѓулето, наеднаш од оџакот излетаа многу оси. Ме нападнаа и ме кутнаа на керамидите. Се бранев со рацете, ја покривав главата, лицето. Мислам дека имав 50 убоди од оси. Некако успеав да преминам на другата страна од покривот и избегав од ројот кој си го бранеше своето осило во оџакот. Ќе работам уште оваа сезона, но овој случај ќе ми биде последна поука за поголема внимателност до крајот на кариерата што мислам наскоро да ја завршам“, вели Димишков.

    Во јули годинава, во Велес 60-годишен маж почина од убод на оси, а нешто слично се случило и во Кочанско пред неколку години.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира