УМРИ УТРЕ ПО ВЧЕРАШНИ ЦЕНИ

(Кон „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески, играат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски)

    УМРИ УТРЕ ПО ВЧЕРАШНИ ЦЕНИ

    Во „Снежана на крајот умира“, дебито на Кристијан Ристески, меѓу трите приказни доминира онаа на лекарката која зема дел од товарот на наркозависникот – син на покојна другарка – и страда со него во обид да го одржи жив. Ниедна од трите прикаски во суштина не е комична, но заедничката голема тема им е љубов, жртвување, поддршка, другарство, и можеби затоа тонот на филмот е ведар и лесен.

    Лекарката е Снежана (ја игра Верица Недеска), гинеколог и бивша рокерка, чија другарка од бендот починала од рак и ѝ оставила најтежок аманет, да го згрижи синот Боби (Тино Костадиновски) кој е на хероин, а и дила дрога. Во обидот колку-толку да ја држи под контрола ситуацијата со Боби, Снежана ќе мора до крајни граници да ги растегнува своите етички норми и како лекар и како човек. Оваа тешка улога, a и најразвиен лик во филмот, Недеска ја игра без ронка сентименталност и самосожалување, со студена фактичност под која се насетува клокот кој буи. Нејзината енергија во голема мера го држи филмот во едно парче. Костадиновски се обидува да ѝ парира, но не успева да излезе вон клишеата за играње „џанак на хероин“, можеби затоа што и ликот како што е напишан не му дал многу простор за тоа.

    Со приказната на Снежана и Боби се вкрстува онаа на Никола (Ивица Димитријевиќ) газда на видеотека, Горазд (Сашко Коцев) маркетинг директор и Дејан (Дениз Абдула) џаболебар, тројца другари кои деновите ги минуваат во филозофирање пред дуќан и смислување бизниси што ќе им донесат ем брзи пари ем ќеф, барем исто толкав како нивниве левтерни дружби. Димитријевиќ, Коцев и Абдула се атрактивно и уиграно трио и со леснотија креираат атмосфера на другарство, а нивните три ликови како да се слеваат во еден комичен амалгам.

    Околу двете приказни се развива и третата, за љубовта на Игор (Давид Јанакиев), радиоводител со Аспергеров синдром, развојно нарушување од аутистичен спектар, и Маја (Наташа Петровиќ), депресивна уметница која живее како еремит – не излегува од дома и бега од луѓе, освен ноќе кога ги облекува дрвата со плетенини и делата ги објавува на Инстаграм. Нејзината состојба во Јапонија се вика хикикомори, дијагноза за луѓе од разни возрасти кои од разни причини, главно психички нарушувања или трауми, не излегуваат од дома со месеци па и години. Во оваа нежна приказна има и најмногу зборување, оти Игор многу зборува за да ја објасни својата состојба, а Маја е сѐ нешто лута, ама барем го слуша. Не е лесно да се игра лик со некакво нарушување, но впечаток е дека и Петровиќ и дебитантот Јанакиев ги играат по клише, па преигруваат без да досегнат некоја емотивна длабочина.

    По сценарио на Ристески, филмот има „разиграна“ структура, оди напред-назад во времето, а главен наратор е мува, се вика Милица, гег на кој му се придружуваат и прасе и клозетска шолја која зборува.  Но, токму таа разиграна структура е и најголемиот проблем на филмот, оти не е создадено врзивно ткиво што ќе му даде непрекинат тек, туку се сведува на низа скечеви меѓу кои и буквално има пауза со темни места (монтажер е Горан Вуќиќ). Затоа, филмот не успева да биде социјална драма што открива локални и универзални човечки состојби (иако има таква амбиција), туку е повеќе лесна комедија.

    „Снежана на крајот умира“ имаше светска премиера на фестивалот Слемденс во САД, а го затвори и фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира