1 Вака-така, ЕУ ќе реши да ја прими Црна Гора како 28 членка. Што е добра вест за нас. Ќе имаме уште една пријателка во ЕУ која, се надевам, нема да ни наоѓа никаква мана за да мора пак да го менуваме Уставот.
За разлика од Црна Гора, ние на ЕУ ќе ѝ пристапуваме постепено и претпазливо. Оти, ако им влеземе нагло, можеме да направиме потрес на нивниот заеднички пазар поради брзото темпо на развој. Петти сме во Европа. И тоа, „ова не го вели вели Владата, не го вели Христијан или партиите, туку Евростат“, рече премиерот Мицкоски.
Е па сега, не можеме поради една Европска Унија да успориме со економскиот развој.
2 Бугарскиот премиер Румен Радев рече дека решението за почеток на преговорите со ЕУ е многу едноставно. Треба да се внесат Бугарите во Уставот. Ништо ново.
Истото го рече и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта: „Она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа“.
Едноставно е, ама не е баш толку едноставно. Македонската Влада бара гаранции дека по внесувањето на Бугарите во Уставот, Бугарија нема да го злоупотребува своето членство во ЕУ со дополнителни барања поврзани со негирањето на идентитетот на македонскиот народ, кои како официјална политика се заверени во документи на нивниот парламент.
Арно ама, такви гаранции не дава никој во ЕУ. И тоа не е ништо ново.
Можеби би било едноставно да се внесат Бугарите во Уставот ако Бугарија дозволи регистрација макар и на едно здружение на Македонците кај нив. Во тој случај, можеби и на Мицкоски ќе му биде лесно да го убеди своето гласачко тело дека треба да се внесат Бугарите во Уставот. Вмровците секогаш си го слушаат лидерот.
Ама, и тоа треба некој да го изработи со другите 26 земји-членки. Особено што и во самата ЕУ сѐ погласно се отвара прашањето за злоупотребата на билатералните прашања во пристапниот процес за нови членки. Ние сме фрустрираните. Нас нѐ боли тоа што Европската Унија повеќе од дваесет години ни измислува нови и нови пречки зошто не ги почнува преговорите за членство. Ние имаме проблем. Ние треба да нудиме решенија. Пробај ова, пробај она… Бугарија сигурно нема да ја убедиме да ни помогне во процесот. Ама, во моментов имам чувство дека седиме и чекаме на самата Европска Унија да ѝ се здосади и еден ден да реши да нѐ прими. Или, едноставно, да се откажеме – а сигурно нема власт која ќе го каже тоа отворено.
3 Го слушам премиерот Мицкоски како раскажува дека Радев потрошил цела година да ги убеди европските лидери оти треба да се стават Бугарите во македонскиот Устав. А што правеше Мицкоски во тоа време како опозиција? Додека Радев работел на случајот како да ја блокира Македонија во ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ работеше како да го блокира владеењето на СДСМ. Ај што блокираа, туку сееја и омраза со „северџани“, „вакви-такви“, „не отварам врата на пописот“ и слични гадотии. И што прави сега кога е на власт? Исто. Пак секој ден се кара со СДСМ и сее омраза со „глодари“, „талог на општеството“, „мекотели“ и најново – „потпросечни политички медиокритети“.
Дека тие од ВМРО-ДПМНЕ се ептен натпросечно тврдо ткиво. Жити се!
А овие од СДСМ, пак, како да решиле да се самоубијат. Сто теми имаат за кои може да се фатат, а тие секој ден, Бугарите, па Бугарите во Уставот. Само нѐ потсетуваат на оној несреќен „француски предлог“ за кој се закачија Бујар Османи и Димитар Ковачевски. Како некој да им дал прирачник за самоуништување.
Остави ја ВМРО-ДПМНЕ нека нѐ внесе во ЕУ, како што вети на избори. На сите ќе ни биде подобро.
А не вака, кај што две години нема никакво помрднување на патот кон ЕУ, кај што нема дела, уште и грозни зборови слушаме. Од што немаат што да кажат власта и опозицијата, секој ден слушаме само како си кажуваат грозотии едни за други. Политички говор што прави уште поголема недоверба кон институциите.
Како ли мислат и едните и другите да обезбедат двотретинско мнозинство во Собранието ако еден ден се појави некое решение за промена на Уставот? Со овој речник – никако.
Претседателката на државата се слика на некои настани за културна дипломатија. Имаше и некакви соопштенија за спортска дипломатија. Фино звучи тоа, културна ем спортска дипломатија, ама ние немаме дипломатски односи меѓу партиите во Собранието. Нам ни треба дипломатија меѓу лидерите за да го дефинираат заедничкиот интерес на државата. Не, на партијата.
Ај нека пробаат дипломатијата да ја спроведат прво на домашен терен. Па макар и тајно нека се среќаваат. Оти, додека Радев патувал низ Европа да ги убедува европските лидери дека треба да нѐ натераат нас уште еднаш да го смениме нашиот Устав, во бугарското Собрание пратениците, колку и да се караа на телевизија, со консензус, едногласно ги усвојуваа сите резолуции и декларации со кои ја блокираа нашата европска иднина.
4 А и тој Радев со неговото „браќата од Северна Македонија“, па и цела бугарска политика… Какви браќа бре, кога сѐ повеќе нѐ оддалечувате едни од други.
Со ветото што ни го стави за ЕУ, Бугарија прави веќе четврта генерација непријатели. Ај да речеш, бабите и дедовците имале причина да ги паметат „браќата“ по лошо оти многумина се бореле како партизани против бугарската војска што до 1943 година била фашистички окупатор. Ај да речеш, и мајките и татковците ги паметат зулумите од фашистичката управа. Ајде да речеш дека и мојава генерација била под влијание на Тито, како што викаат бугарските политичари, па во школо нѐ учеле да не ги сакаме Бугарите – што се глупости, ама ај и тоа нека им помине. Ама, нашите деца не знаат ни за Тито, ни за партизаните, ниту пак многу им им е гајле. Знаат само дека, за разлика од нивните врсници од соседството, тие не можат бесплатно да студираат во ЕУ, не можат слободно да патуваат во ЕУ, потешко ќе напредуваат во кариерите и животот.
Па вие, Бугари, намерно ја крадете европската иднина и на оваа нова генерација Македонци.
Конечно, во основата на сите одлуки на бугарското Собрание лежи тезата дека ние сме ист народ во две држави. Е како бре, ќе го постигнете тоа со ваква нетрпеливост? Или, најдовте послаб од себе, па удри, мавај… Какви браќа бре? Мислите ли дека со купување бугарски пасош автоматски се купува и „братската“ љубов?
5 Се расипал автобус со кој се возеле на екскурзија средношколци од гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. Не би требало да се случи, ама се случува. И дома колите ни се расипуваат.
Автобусот се расипувал четири пати во тек на ексурзијата. Родителите се јавиле во полиција, полицијата го запре автобусот и го испрати на технички преглед. Си ја заврши работата.
СВР Велес, што го запре автобусот, објави дека е утврдено оти имал проблеми со кочниците. А Град Скопје, што управува со средните училишта во главниот град, држи лекции по новинарство и ни кажа дека „при објавување на вакви или слични текстови согласно новинарската етика да биде консултирана и другата страна“.
Е која друга страна, де? Сега и МВР ли треба да го проверуваме? И кај кого да го проверуваме? Кај премиерот ли, во Собрание ли?
Ај што власта ни кажува да си проверуваме какви станови купуваме, кај кои доктори да се лекуваме, во кои дискотеки да излегуваме, сега да не треба и дома секој да има станица за технички преглед?
Моите деца завршија во „Орце Николов“ и не можам да ја препознаам реакцијата на гимназијата, која уште од самиот почеток се обидува да го минимизира случајот. Па уште и им се заканувале на децата дека веќе нема да одат на екскурзија. Во времето на моите деца оваа гимназија беше на страната на учениците.
Како на ова школо сега туристичката агенција му стана поважна од децата?
Како воопшто се брани нешто неодбранливо? Само со ароганција. Дека од таа ароганција, што покрива неодговорност, малку проплакавме после Кочани, „Дурмо турс“, Ласкарци… Скраја да е.
АУДИО ВЕРЗИЈА



