1 Не можам да поверувам дека во цела држава не може да се најде уште еден, ама само уште еден правник што може да ги помине критериумите за избор за судија во Судот за човековите права во Стразбур. Пленумот во Советот на Европа двапати ѝ ги враќа на македонската комисија предложените кандидати, уште во првиот филтер, во читањето на биографиите. Двајца кандидати веќе се избрани, се бара трет кандидат. Таква е процедурата. Државата номинира тројца кандидати, потоа тројцата одат на интервју кај Комитетот на Парламентарното собрание составен од врвни правници и на крај судијата треба да гo изгласаат пратениците во Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Комисијата што ги избира кандидатите кај нас ја води претседателот на Уставниот суд, а покрај него се и претседателот на Врховниот суд, претседателката на најголемиот, скопскиот Кривичен суд, претседателот на скопскиот Граѓански суд и директорката на Академијата за судии и обвинители. Најдобрите од најдобрите, „крем де ла крем“ на македонската судска власт.
Стразбур не би ги одбивал кандидатите ако тие ги исполнуваат основните критериуми, да се судии во Уставен или Врховен суд, или да имаат меѓународни судско искуство во областа на човековите права, или да се врвни професори со стручни трудови од областите на Конвенцијата на Советот на Европа… И нормално, одлично да знаат странски јазици, оти таму и ќе ги испрашуваат, нема само да ги покажат сертификатите.
Што збори за македонската комисија фактот дека двапати Советот на Европа им ги враќа предлозите за кандидати како несоодветни? Како таа комисија, составена од најспособните во врвот на правосудството во една држава, си дозволува да испраќа кандидати во Стразбур за кои однапред знае дека ќе им ги вратат? Или, поарно им е во Стразбур да им се чудат на умот, отколку во Скопје да им се налути партијата на власт? Оти, во партијата ионака никој не ти ја цени способноста.
Или навистина немаме судии и правници кои се способни, или тие што се способни се демотивирани да се пријават оти не веруваат во процесот на избор на кандидати.
Е па, не верувам дека сме баш толку неуки и неспособни.
Излезе голема филозофија во врвот на македонската правничка фела да најдеш некој што во Европа ќе помине по критериуми што не се македонски.
Затоа и сме тука каде што сме. Не само во судството. И во образованието. И во здравството. И во културата. И во бизнисот. Задушени од партиските критериуми.
2 Премиерот Христијан Мицкоски вели дека би бил најсреќен ако Соединетите Американски Држави ги затегнат условите за издавање иселенички визи за македонските граѓани.
„Ако може да ги затегнат условите Американците за иселенички визи за македонските граѓани, јас би бил најсреќен, затоа што политиката на оваа Влада е да ги врати иселениците. Ако збориме за туристички визи тоа е друго, но ако може да ги затегнеме иселеничките визи јас би бил најсреќен“, рече Мицкоски по посетата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Што е следно? Малку ни е што земјите од ЕУ летово прописно нѐ измалтретираа по границите, па сега Мицкоски нека ургира во Брисел да ни ги вратат и Шенген визите.
А зошто, едноставно, не го спречи иселувањето од земјава со поефикасни мерки кои во историјата се покажале како успешни? Нека донесат закон со кој ќе се забрани излегување од земјава. Добро, не мора баш толку строго, сепак Мицкоски е лидер на демократска партија. Може како во Романија под Николае Чаушеску или Бугарија под Тодор Живков, да не смее цело семејство да излезе истовремено од земјава, да мора некој да остане за гаранција дека другите ќе се вратат назад.
Многу нешто строг е Мицкоски по прашањето за иселување од државава, како премиер во чиј кабинет половина имаат бугарски пасоши и како лидер на партија чие пола членство има бугарски пасоши.
3 Ме загрижува дека по прашање на иселувањето нема единство во рамките на владејачката коалиција. Тоа се откри при свеченоста по повод поставувањето камен-темелник за градење на автопатот кон Косово. „Вреди“ радосно заклучи: Сите патишта водат кон Блаце!
4 Премиерот Мицкоски најави покачување на септемвриската пензија, ама овојпат тоа нема да биде линеарно, туку по закон. „Тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон“, рече Мицкоски. Објасни дека имало поединци охрабрени од партиите да покренат процес пред Уставниот суд против линеарното покачување, па вака сака да ги заштити пензиите и пензионерите.
Од истата причина – да ги заштити пензиите и пензионерите – Мицкоски ги покачуваше пензиите линеарно, од истата причина сега ќе ги покачува процедурално.
Каде ли се сега оние 20 пензионери од Свети Николе што пред три години блокираа патишта барајќи линеарно покачување на пензиите? Па и штипските пензионери што мрзнеа во зима и гореа на сонце во лето барајќи линеарно покачување наместо редовното законско усогласување? Кога ќе ми текне дека во ноември 2023 дури и пред американската амбасада се собираа за протест. Пред која амбасада ќе протестираат сега, кога Владата е во периметарот на Трамп?
Отсекогаш сум се прашувал како функционира партискиот мозок. Партиски мозок е чуден биолошки феномен. До вчера одлично решение им беше линеарното, од утре супер ќе им биде процедуралното. Колку и да им ги матат изјавите на лидерите мозоците на партиските послушници во разни правци, еден правец е сигурен. Правецот на партијата.
АУДИО ПОДКАСТ – AUDIO PODCAST



