Корисниците на парно греење во Скопје ќе треба да склучат нови договори со фирмата на ЕСМ Снабдување со топлинска енергија. Од компанијата соопштија дека постоечките договори коикорисниците ги имаат со „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) не можат да се преземат туку мора да се склучат нови. Затоа треба корисниците тоа да го сторат до крајот на месецот, а тие што нема да склучат нови договори ќе бидат контактирани од тимовите на ЕСМ. Ако од различни причини корисниците не успеат да склучат нов договор до крајот на месецот, од ЕСМ велат дека греењето непрекинато ќе се испорачува и во ниеден момент испораката нема да биде загрозена.
„Договорот е ист како и досега, и е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика.За склучување на договорот потребно е да се понесе документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач. Во Скопје постојат три пункта, со работно време од понеделник до петок од 8 до 18 часот и сабота од 9 до 13:30 часот и тоа на улица Кочо Рацин бр.33 кај Олимписки базен, на улица Јане Сандански бр.49 во Аеродром и на улица Лондонска бр.8 во Тафталиџе“, велат од ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје.
Од од компанијата велат дека ЕСМ Снабдување ќе воспостави директни контакти, додека на корисниците кои не можат да ги напуштат своите домови ќе им излезе во пресрет и ќе им овозможи договорот да го склучат во нивниот дом.
Новиот снабдувач најави дека во следниот период ќе воспостави и сопствен систем за онлајн наплата.