АВИОСООБРАЌАЈОТ ЗАКРЕПНУВА ПО КОВИД КРИЗАТА – НАД 1,8 МИЛИОНИ ПАТНИЦИ НА СКОПСКИОТ И ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ ЗА ПРВИТЕ ДЕВЕТ МЕСЕЦИ

    АВИОСООБРАЌАЈОТ ЗАКРЕПНУВА ПО КОВИД КРИЗАТА – НАД 1,8 МИЛИОНИ ПАТНИЦИ НА СКОПСКИОТ И ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ ЗА ПРВИТЕ ДЕВЕТ МЕСЕЦИВо однос на 2019 година која се смета за референтна година во воздухопловството, или годината пред ковид-19, нивото на патничкиот сообраќај е помало за 12% - Скопскиот меѓународен аеродром - (Фото: Ѓ. Личовски)

    Двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, забележаа силно закрепнување на патничкиот сообраќај во првите 9 месеци од 2022 година, со што достигнаа вкупно 1,8 милиони патници (1.811.168) и 14.823 летови, соопшти концесионерот на аеродромите ТАВ Македонија.

    „Во 9-те месеци од 2022 година имаме зголемување од 82% на патничкиот сообраќај во однос на истиот период од 2021 година, додека во однос на 2019 година која ја сметаме за референтна година во воздухопловството, или годината пред ковид-19, нивото на патничкиот сообраќај е помало за 12%. Како ТАВ, ќе продолжиме да работиме на проширување на мрежата на нашите авиолинии и од Скопскиот и од Охридскиот аеродром, со отворање нови дестинации и привлекување нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од Македонија“, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.

    Дестинации со најголем сообраќај од Скопскиот аеродром, од јануари до септември, биле Истанбул, со двата аеродрома – 13 % пазарен удел), по што следуваат Виена со 6,3% и Цирих и Базел Милуз со по 6,2% од пазарниот удел.

    Од 15 компании кои во моментов летаат од Скопје, најголем број патници патувале со Визер – 58,2% од сите превезени патници, по што следуваат Туркиш ерлајнс со 12 %, Пегасус ерлајнс со 6,4% и Аустриан со 6,3 проценти од пазарниот удел.

    На Охридскиот аеродром, за 9-те месеци од 2022 година, најфреквентна дестинација за патување е Виена со 17,9% од сите реализирани летови.

    Како што информираат од ТАВ Македонија, зимскиот распоред на летови 2022/2023 година на двата македонски аеродрома ќе почне на крајот од октомври и според досегашните информации од авиокомпаниите, нема да има значителни промени во бројот на дестинации.

    Речиси сите дестинации што ги имаа двата македонски аеродрома пред кризата со ковид-19, сега се вратени, освен авиолиниите за Доха на Катар ервејс и за Дубаи на Флај дубаи.

    Авиолиниите за Москва, Санкт Петербург и Киев се запрени по почетокот на војната инвазијата на Русија врз Украина, а линијата за Софија што беше политички отворена во март годинава беше укината по само два месеца, во мај.

    Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, 8 авиокомпании летаат до вкупно 12 дестинации, вклучувајќи ги редовните и сезонските.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира