Македонската кинопремиера на филмот „Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска е закажана на 27 октомври во киното „Милениум“, соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“. Филмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти, играше и во Торонто и е годинашен македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.
Во текот на месецов, филмот се прикажува на пет фестивали нив целиот свет.
„Започнавме со ексклузивна проекција на филмскиот фестивал во Киев, Украина кое беше проследено со предавање на режисерката. Полната сала во Киев, и крајно емотивната проекција на филмот во Киев проследена со звуци од сирени, зборува за значајноста на оваа приказна и овој филм кој крајно искрено говори за тешкотиите и можностите за помирувањето по воените разорувања, за длабоките траги и трауми кои остануваат врежани засекогаш кај сите оние зафатени од немилосрдниот виор на војната“, вели продуцентката и актерка Лабина Митевска.
По Киев, следат фестивалите во Хаифа во Израел, Рио де Жанеиро во Бразил, па во Загреб, по што веднаш следува и кинодистрибуција на филмот во Хрватска. Турнејата ќе заврши во Словенија каде ќе се натпреварува за наградата Весна за малцински копродукции на Филмскиот фестивал во Ровињ.
„Најсреќниот човек на светот“ е целосно на босански јазик и главнината на актерската екипа се босански и хрватски актери. Играат и Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ. Филмот е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска и најголем дел од екипата доаѓа од БиХ, вклучувајќи ја косценаристката Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснована приказната.
Б. НЕСТОРОСКА