Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера ја пречека словенечката колешка Тања Фајон со знамето на Словачка на нивната средба во неговиот кабинет во МНР.
На заедничката прес-конференција, во холот на МНР потоа беше исправното знаме – словенечкото. Со словенечко знаме Фајон беше пречекана и на другите средби што ги имаше за време на вчерашната посета на Скопје, кај претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и кај вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Двете знамиња ги имаат панславските бои, сина, бела и црвена, како што имаат државите на повеќе словенски народи, меѓутоа се разликуваат по тоа што на словачкото знаме е аплициран државниот грб со двоен крст, а на словенечкото знаме го има грбот на Словенија со Триглав.
МНР денеска соопшти дека изразува длабоко извинување за ненамерниот пропуст со употребата на словачкото знаме на тет-а-тет средбата на двајцата министри.
„Иако не може да има оправдување за направениот пропуст, Министерката со целосно разбирање ја прими грешката како ненамерна, без никакво влијание врз успешноста на средбите и посетата“, велат од МНР и додаваат дека дополнително ќе ги зајакнат протоколарните проверки со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација.
Во септември 2018 година, тогашниот австриски канцелар Себастијан Курц, беше пречекан со погрешно знаме на официјалната церемонија на дочекот пред Владата, каде со поранешниот премиер Зоран Заев минаа пред построената гарда. Место австриско, на јарболот до Курц имаше латвиско знаме.