Децата и повозрасните штитеници во воспитно-поправниот дом Тетово и дефинитивно нема да имаат образование годинава. Министерството за образование не ги потпиша договорите со наставниот кадар од училиштето „Макаренко“, а и покрај инсистирањето да добиеме одговор зошто ги оставаат овие деца без школо, нема одговор веќе еден месец од министерството.
Деновиве во посета на ВП домот Тетово била и Васка Бајрамовска Мустафа од одделот заштита на правата на децата кај Народниот правобранител. Како што ни изјави, таа констатирала дека 20-тина деца и повозрасни штитеници не посетуваат во моментов настава, ја немаат главната алка во ресоцијализацијата затоа што државата не ги продолжи договорите со наставниот кадар кој лани таму држеше часови за базично описменување, како и часови од основно и средно образование.
Бајрамовска Мустафа, како раководител на одделот за правата на децата, кажа дека за сè што констатирала поднела извештај кај Народниот правобранител Насер Зибери, кој, како што рече таа, понатаму ќе презема мерки.
Наставата во ВП домот Тетово каде што се наоѓаат малолетни прекршители на законот казнети со судска пресуда и кои таму издржуваат воспитно-поправни мерки лани имаа настава, но поддржана од УНДП. Оттаму веројатно очекувајќи дека должност е на државата да ја преземе понатаму обврската да обезбеди образование и за овие затворени деца, конечно го прекинале проектот.
Досега, тие му плаќаа на наставниот кадар кој секојдневно патуваше до Волковија и назад.
С. К. ДЕЛЕВСКА