Џорџа Мелони се согласи да ја формира новата влада на Италија, со што ќе биде прва жена на премиерската функција. Мелони и нејзината партија Браќа на Италија предводеа алијанса на конзервативни партии до победа на парламентарните избори на 25 септември и ќе биде на чело на најдесничарската влада во Италија од Втората светска војна.
„Џорџа Мелони го прифати мандатот и ја претстави својата листа на министри“, изјавија од кабинетот на претседателот Серџо Матарела по денешните консултации.
Новата влада и официјално ќе положи заклетва утре наутро, по што за неа ќе се гласа во двата дома на парламентот следната недела.
Покрај Браќа на Италија, во 68. италијанска влада од 1946 година влегуваат и Лига на Матео Салвини и Напред Италија на Силвио Берлускони. Мелони тврди дека нејзината влада ќе биде целосно посветена на ЕУ и НАТО, и покрај последните изјави на 86-годишниот Берлускони дека ги обновил контактите со Владимир Путин и дека Володимир Зеленски и западот ја натерале Русија да ја нападне Украина.