ДЕНЕСКА ПРИЈАВА ЗА БОМБА ВО ДЕВЕТ СРЕДНИ УЧИЛИШТА ВО СКОПЈЕ

    ДЕНЕСКА ПРИЈАВА ЗА БОМБА ВО ДЕВЕТ СРЕДНИ УЧИЛИШТА ВО СКОПЈЕОд вчерашната проверка на полицијата по пријавата за поставена бомба во скопското средно училиште „Владо Тасевски“. (Фото: СДК.МК)

    По вчерашната лажна пријава за поставени бомби во осум скопски средни училишта, денеска околу 14 часот е испратена пријава за бомба до девет средни училишта, потврдија од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Денеска (27.10.2022) во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меил адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

    Вчера, антитерористичката единица на МВР по деталната проверка утврди дека дојавата за бомба во осум училишта на територијата на Скопје e лажна. Заканувачот вчера првин испратил електронска пошта во пет средни училишта во Скопје, а подоцна ја испратил уште во три училишта. Во сите беа евакуирани учениците.

    И денеска се евакуирани учениците и вработените од училиштата, а полицијата прави проверки.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски утрово изјави дека истрагата за вчерашните пријави за бомби е во тек и дека се познати првичните податоци за тоа од каде се испратени тие е-пораки.

    „Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија“, рече Спасовски и додаде дека казните треба да бидат најстроги.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира