МАРИН НИ ОСТАВИ АМАНЕТ ДА ЈА ОБНОВИМЕ „ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ“, РЕЧЕ ЌЕРКА МУ МАЈА БАБИЌ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    МАРИН НИ ОСТАВИ АМАНЕТ ДА ЈА ОБНОВИМЕ „ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ“, РЕЧЕ ЌЕРКА МУ МАЈА БАБИЌ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАРЖивотот му беше театар, а театарот живот, во буквална смисла на зборот, рече неговата ќерка на денешната комеморација. (Фото: К. Попов)

    Дваесетина актери денеска се качија на сцената на Драмски театар и со последен аплауз го испратија колегата Марин Бабиќ, кој почина на 16 октомври на 74 години по кратко боледување. На комеморацијата во неговата матична куќа говореше неговата ќерка Маја Бабиќ, која сподели интимни детали од растењето со доајенот на македонското глумиште, кој беше и познат радиоводител и идеен творец на манифестацијата „Глумците пеат“.

    „На оваа сцена бев само еднаш, за ‘Чук, чук Стојанче’. Прв и последен пат. Иако често со сестра ми Ира седевме во салата, се врткавме по ходниците и ќошињата на Драмски и гледавме стотици претстави, некои ги знаевме наизуст, тој никогаш не ни дозволи да бидеме на сцената. Веројатно и сега од некаде гледа и  карактеристично ја подига едната веѓа и се лути што сум овде. Го сакаше Драмски, живееше за, и во него. Беше дел од неговите ѕвездените моменти, а јас и Ира за среќа имаме доволно години да ги паметиме и да бидеме дел од таа приказна. Толку многу ја сакаше оваа сцена што знам колку тешко му падна кога мораше да се раздели од неа. Сепак смислуваше начини како да ѝ се врати со некои нови проекти и улоги. За жал, планот не му успеа“, зборуваше Маја.

    Повеќе актери се качија на сцената на Драмски театар и со последен аплауз го испратија колегата Марин Бабиќ. (Фото: К. Попов)

    Животот му бил театар, а театарот живот, во буквална смисла на зборот. Боем во душата, заљублив по вокација, радиопријател во ноќта, одличен говорник на поезија. Голем гурман и одличен готвач, рече Маја, додавајќи: „Дури и ме научи да пијам со мерка“.

    „Тој беше добар татко и добар човек, со многу верба во луѓето. Имаше само еден смртен непријател и тој се викаше Марин Бабиќ. Постојано беа во кавга, душата си ја вадеа и не сум сигурна дали на крај си ги закопаа воените секири. Сѐ она што сме ние и внуците, меѓудругото, е благодарение на неговиот начин на воспитување. Последната улога ја изведе беспрекорно и маестрално, како грижлив и посветен родител. За разлика од неговиот непредвидлив живот, заминувањето како да му беше смислено од почеток до крај. Како вистински да се потруди да не нѐ истрауматизира со неговата болест, но ни остави доволно време да станеме свесни дека заминува. Беше бескрајно спокоен и така замина, во сон. Целосно се погрижи да не ги измалтретира неговите девојчиња“, кажа Маја Бабиќ.

    Со гостите во Драмски сподели и дека со нејзината сестра соработувале со татко им на „Глумците пеат“ и дека уживале во тој негов животен проект, како и дека им го оставил како аманет кога-тогаш да го обноват.

    „Да бидам искрена, не ви било лесно и вам како негови колеги. Прецизен, ситничав, но со јасна визија што сака да направи. Ќе му го исполниме аманетот“, кажа Маја.

    Марин Бабиќ во 1971 година дипломирал на Театарската академија во Софија и истата година станува дел од Драмски театар – Скопје, каде го поминува целиот свој работен век. Ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти. Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, “Најголемиот подвиг на витезот Сукало“, „Ивона кнегиња бургундска“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Косанчиќев венец бр. 7“, „Хаос зад кулиси“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Смртта на Дантон“, „Стапица“, „Сказна за времето“, „Сили во воздухот“, „Самоубиец“, „Балконот“, „Не сега драга…“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Дедо Мраз и Феферона“, „Заводникот од западниот свет“, „Словенскиот ковчег“, „Платонов“, „Ферхад и Ширин“, „Демонот од Дебар Маало“.

    Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ улоги: „Бушава азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20. век“ и многу други. Во културната колективна меморија засекогаш ќе остане неговиот Јашар бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду“, од претставата „Викенд на мртовци“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира