ОПШТИНА ТЕТОВО, СО ДОЛГ ОД 37 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ, ФОРМИРА ТРГОВСКО ДРУШТВО ЗА СТОПАНИСУВАЊЕ СО ЕЛЕКТИЧНАТА ЕНЕРГИЈА

    ОПШТИНА ТЕТОВО, СО ДОЛГ ОД 37 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ, ФОРМИРА ТРГОВСКО ДРУШТВО ЗА СТОПАНИСУВАЊЕ СО ЕЛЕКТИЧНАТА ЕНЕРГИЈАОва трговско друштво, како што беше речено, се формира за да може поефикасно да се стопанисува со струјата во градот, посебно со јавното осветлување. (Фото: СДК.МК)

    На четвртата седница на Советот на Општина Тетово, со тесно мнозинство беше донесена одлука да се основа трговско друштво „Електро Тетова“ ДООЕЛ на местото на Јавното претпријатие за производство и продажба на електрична енергија кое беше формирано на претходната седница. Ова трговско друштво, како што беше речено, се формира за да може поефикасно да се стопанисува со електричната енергија во градот, посебно во делот на јавното осветлување.

    „Ние на минатата седница донесовме одлука за формирање јавно претпријатие за производство на електрична енергија, продажба на електрична енергија, стопанисување, поставување и одржување на јавното осветлување во градот, но во Централниот регистар имаше проблем да го регистрираме вакво јавно претпријатие. Сега само ја менуваме дејноста и наместо јавно претпријатие, формираме трговско друштво ДООЕЛ и како такво ќе можеме да го регистрираме во Централниот регистар. Меѓу првите мерки кои ова претпријатие треба да ги направи е воведувањето на рестрикција на уличното осветлување со цел заштеда на електрична енергија. Колку часови ќе трае таа рестрикција на електричната енергија и од колку до колку часот ќе биде, тоа ќе треба да се одлучи на една од наредните седници на Советот на Општина Тетово“, изјави Бесар Дурмиши, претседавач на Советот на Општина Тетово.

    Ваквата одлука на мнозинството во Советот наиде на голема реакција кај советниците од опозицијата. Тие го обвинуваа мнозинството дека и овојпат, како и при формирањето на јавното претпријатие донесува одлуки кои не се докрај осмислени, дека и одлуката за формирање на вакво претпријатие најверојатно ќе биде поништена. Исто така обвинија дека се донесува одлука без да се знаат детали што ќе работи тоа претпријатие, колку вработени ќе има, каков кадар ќе се вработи, посочувајќи дека таму ќе бидат вработени само партиски лица од мнозинството во општинската власт.

    „За овој предлог за основање трговско претпријатие за производство и продажба на електрична енергија и улично осветлување не добивме никакви дополнителни информации. Не кажаа каква структура ќе има претпријатието, со што ќе се занимава, од каде ќе набавува струја и колку од сето тоа граѓаните на Тетово ќе имаат бенефит. Затоа не ја поддржавме одлуката, односно гласавме против“, изјави Глигорие Стојановски од советничката група на СДСМ.

    Од опозицијата беше ставена забелешка и на името на трговското друштво и беше побарано тоа да се именува како „Електро Тетово“, со додавање на превод и на албански јазик.

    На седницата на Советот исто така беше речено дека долгот на Општина Тетово за осветлување на улиците изнесува 37 милиони денари.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира