Администрацијата на Џо Бајден приватно ги охрабрува украинските лидери да сигнализираат дека се отворени за преговори со Русија и да се откажат од јавното одбивање на мировни разговори додека Владимир Путин е на власт, пишува „Вашингтон пост“.
Повикувајќи се на извори кои се упатени во овие дискусии, весникот пишува дека ова нема за цел да се притисне Украина да седне на преговарачка маса, туку е пресметан обид да се обезбеди Киев да ја задржи поддршката од другите земји.
„Овие дискусии ја покажуваат сложеноста на американската позиција во однос на Украина. САД јавно ветуваат дека ќе ја поддржуваат Украина колку што е потребно, додека истовремено бараат решенија за крај на осуммесечната војна, која има големо влијание врз светската војна и се заканува да прерасне во нуклеарен конфликт“, пишува весникот.
Американските функционери се согласуваат со своите украински колеги дека Путин засега не е расположен за преговори, но признаваат дека тврдиот став на Володимир Зеленски дека нема да разговара со него создава грижи во делови од Европа, Африка и Јужна Америка.
„Заморот од Украина веќе постои кај некои наши партнери“, изјави неименуван извор за „Вашингтон пост“.
Белата куќа не ги коментираше овие наводи, но кажа дека ако Русија е спремна за преговори, би требала да запре со воените дејства.