ВОДОСТОЈОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Е НА 9 САНТИМЕТРИ НАД МИНИМАЛНО ДОЗВОЛЕНОТО НИВО, НО ВИДЛИВИ СЕ ПОВРШИНИ БЕЗ ВОДА

    ВОДОСТОЈОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Е НА 9 САНТИМЕТРИ НАД МИНИМАЛНО ДОЗВОЛЕНОТО НИВО, НО ВИДЛИВИ СЕ ПОВРШИНИ БЕЗ ВОДАСпоред еколозите, вакви осцилации имало и претходно, но загрижува тоа што ако продолжат ќе се уништи и растителен и животински свет.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Видливи површини без вода има на Охридското Езеро, иако според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) водостојот е на кота од 693,19 м.н.в., што е за 9 сантиметри над минимално дозволеното ниво од 693.10 метри, односно 7 сантиметри пониско од просекот за ноември кој изнесува 693,26 м.н.в. Охриѓани велат дека последниве години, иако се забележуваат мали островчиња со голо око, никој не презема мерки за да се спречи еколошка катастрофа за Охридското Езеро.

    „Никој не презема ништо, со години е истата слика на езерото. Ваквата негрижа може многу да не чини“, велат охриѓани.

    Според еколозите, вакви осцилации имало и претходно, но загрижува тоа што ако продолжат ќе се уништи и растителен и животински свет. „Треба да се стави крај на таа појава и да се ограничи една одредена кота која нема штетно да влијае врз екосистемот, велат тие“.

    Според нив, најавите за врнежи од дожд во наредниот период ќе го покачат водостојот на Езерото, но мора да се преземат мерки за регулирање на нивото на водата кое се испушта кај истекот на реката Црн Дрим во Струга за потребите за производство на електрична енергија.

    Од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) велат дека одговорно се управува со испустот на вода, согласно одредбите од водостопанската дозвола издадена од надлежниот орган. Додаваат дека се води сметка за минималната кота која изнесува 693.10 м.н.в и која обезбедува биолошки минимум и истата нема да се надмине.

    Од Хидробиолошки завод во Охрид сметаат дека управувањето со испустот на вода од Охридското Езеро за потребите на ЕСМ треба да биде регулирано од посебно тело кое има сеопфатни сознанија, а не од истата организација која што постојано произведува струја. Со ваков регулативен систем, додаваат оттаму, се овозможува во даден момент голем пад на самото Езеро, а со тоа и влошување на состојбите во крајбрежните региони.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира