Делегати од речиси 200 земји на климатскиот самит КОП27 се согласија да се основа фонд за „загуби и штети“ за да им се помогне на ранливите земји со климатските катастрофи, постигнувајќи историски договор на самитот што годинава се одржа во Шарм-ел-Шеик, Египет.
Во целосниот договор од КОП27, од кој дел е и фондот, се реафирмира целта да се задржи глобалното затоплување на 1,5 степени целзиусови над прединдустриското ниво, што беше клучно барање на многу земји.
Но, иако договорот претставува пробив во деликатниот преговарачки процес, не беше постигнато многу околу намалување на стакленичките гасови. Во финалниот текст на договорот воопшто не се споменува откажување од фосилни горива, вклучувајќи ги нафтата и гасот.
Сепак, ова е првпат богатите земји како САД и ЕУ, кои долго се противеа, да се согласат да основаат фонд за нациите ранливи на климатските промени предизвикани од најразвиените земји.
„Договорите направени на КОП27 се победа за целиот свет. Им покажавме на оние кои се чувствуваат запоставени дека ги слушаме, ги гледаме и дека ја добиваат почитта која што ја заслужуваат“, кажа Молвин Џозеф, претседател на Алијансата на мали островски држави.