ГЕРМАНСКАТА ФИРМА „КИЕЛ“ ЌЕ ГРАДИ НОВА ФАБРИКА ОД 9,2 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ТЕТОВО, ЌЕ ОТВОРИ УШТЕ 150 РАБОТНИ МЕСТА

    ГЕРМАНСКАТА ФИРМА „КИЕЛ“ ЌЕ ГРАДИ НОВА ФАБРИКА ОД 9,2 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ТЕТОВО, ЌЕ ОТВОРИ УШТЕ 150 РАБОТНИ МЕСТАВо новата фабрика ќе се произведуваат седишта за возови (Фото: СДК.МК)

    По шест години успешна работа во индустриската зона во тетовско Желино, германската фирма „Киел“ ќе гради нова фабрика со 150 работници. Новите погони ќе се градат во ТИРЗ Тетово. Инвестицијата ќе изнесува 9,2 милиони евра, а изградбата ќе почне во декември, за што договор денеска потпишаа претставниците на „Киел“ и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони на Македонија, Јован Деспотовски.

    „Горди сме со оваа дополнителна инвестиција во Република Северна Македонија. Со неа ќе ги зголемиме производството и бројот на производствените операции. Нашата инвестиција изнесува околу 9 милиони евра, а дополнително ќе се вработат 150 луѓе во наредните неколку години. Така ќе дојдеме до бројката од вкупно 300 вработени во Македонија“, изјави Кристијан Шенд, генерален менаџер на „Киел“ во Македонија.

    „Киел“ е прва фабрика која го проширува своето производство со отворање нов погон во ТИРЗ. Оваа фабрика ќе работи според нов модел кој првпат се применува во ТИРЗ.

    „Оваа инвестиција не е голема по обем, но е многу значајна и е пресвртница во функционирањето на ТИРЗ. ‘Киел‘ воведува нова линија на производство, се обврза да ги задржи сите вработени и ќе ангажира уште 150 луѓе. Се обврза и понатаму да ги плаќа сите обврски кон државата и нема да користи ниту царински, ниту даночни олеснувања. Ќе ги користи услугите на државата поврзани со земјиштето, инфраструктурата и полесниот пристап до услугите од општинските и централната власт, што е многу значаен исчекор“, изјави Деспотовски.

    Фирмата „Киел“ изработува седишта за автомобили и возила за јавен превоз, а во новата фабрика ќе се произведуваат седишта за возови.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира