СУДОТ КУПУВА ВРЕМЕ ЗА ДА НАЈДЕ НАЧИН ДА ГИ ОСЛОБОДИ ОБВИНЕТИТЕ ЗА СООБРАЌАЈКАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ, ВЕЛАТ РОДНИНИТЕ НА НАСТРАДАНИТЕ

    СУДОТ КУПУВА ВРЕМЕ ЗА ДА НАЈДЕ НАЧИН ДА ГИ ОСЛОБОДИ ОБВИНЕТИТЕ ЗА СООБРАЌАЈКАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ, ВЕЛАТ РОДНИНИТЕ НА НАСТРАДАНИТЕРоднините денеска го изразија револтот пред Основниот кривичен суд Скопје, кој на претходно направени вештачења од обвинителството и од одбраната, побара супервештачење. - Во сообраќајната несреќа кај Ласкарци во февруари 2019 загинаа 16 патници и 30 беа повредени (Фото: СДК.МК)

    Место да ги прими денеска судија Дијана Груевска роднините на загинатите и тешко повредени патници во сообраќајната несреќа пред четири години кај селото Ласкарци, за кое судење уште нема правда, таа денеска им испратила судски службеник да им каже дека пак се одлага, изјави Благојче Трпевски, чиј син смртно настрада во несреќата при превртувањето на автобусот на фирмата „Дурмо турс“.

    Роднините денеска го изразија револтот пред Основниот кривичен суд Скопје, кој на претходно направени вештачења од обвинителството и од одбраната, побара супервештачење. Тоа цела година не почна, зашто експертите и професорите беа искористени претходно во исцрпните базични вештачења на барање на двете страни. А кога конечно почна, не завршува.

    „Супервештачењето што требаше да го направи Бирото за судски вештачења и после една година, нема мрднато од мртва точка. Ова е срамота за судството, за судијата што го води предметот, срамота е за Бирото за судски вештачења. Претходно Машинскиот факултет истото тоа супервештачење го направи за само за 6 недели. Не знам колку време треба да чекаме за оваа постапка да заврши и правдата да ги стигне луѓето што го направија ова злодело. Има 16 жртви има и повеќе од 30 повредени. Јас би ја прашал судијата зошто се плаши да слезе овде да се соочи со родителите и семејствата на настраданите и повредените? Нема да побегне од правдата. Правдата ќе биде испочитувана и мора да има правда. Луѓето што убија 16 лица, превозникот ‘Дурмо турс’, мора да одговараат. Мора да одговара возачот и останатите, да не ги спомнувам сега сите 5 обвинети. Ова е приказ за жал како државата функционира и затоа после 4 години нема судска пресуда“, зборуваше ужалениот родител.

    Тој ја потсети јавноста дека барањето за супервештачење судијката Груевска го постави баш во завршните зборови, пред самиот крај на овој долг и мачен судски процес за семејствата на жртвите.

    „Јас не сум правник, но мислам ова е недозволиво. Тоа покажува дали судијката или судот ги штити обивнетите за оваа тешка сообраќајна незгода. Некои од родителите од семејствата починаа. Нема да дозволиме оваа постапка да се влече уште многу. Ние во наредни прилики ќе одиме во сè поголем број. За Боки 13 се донесе пресуда експресно брзо. Овде во прашање се 16 жртви, во февруари се прават полни 4 години од кога се случи несреќата“, кажа Трпевски во име на семејствата.

    Според нив, ова суперештачење го работат непрофесионалци.

    „Знаеме кои луѓе се ангажирани да го прават. Се сомневаме и се плашиме дека ова е нарачано супервештачење, само да се заштитат виновниците и да се одолговлекува овој предмет. Јас ви тврдам дека Машинскиот факултет тоа вештачење го направи за 6 недели професионално. Ви тврдам дека сега ова што се прави е купување време и да не биде издржано и со факти. Судот купува време и сака да најде начин како обвинетите што направија злосторство и убија 16 луѓе да бидат ослободени и ние тоа нема да го дозволиме“, кажа отворено Трпевски дека супервештачењето е сомнително за нив.

    Тие бараат средба и со претседателот на судот Иван Џолев.

    Синиша Ристовски, брат на загинатиот Дејан Ристовски, рече дека „чашата претече“ и спомена блокада на улици од нивна страна поради однесувањето на судот.

    „Не сакаме да веруваме дека во позадина на сето ова притисоци политички влијанија или не дај боже коруптивни дејанија, меѓутоа сè почесто и почесто тоа може да се слушне. Честопати судот со цел да го разводни предметот закажува рочишта иако се знае дека во догледно време нема да се одржи како со супервештачењето. Починатите не се жртви ниту на несреќа ниту на судбина, туку на неодговорност и немање контрола. Ние имаме комплетно потфрлање и нефункционалност на системот“, кажа тој.

    Основниот кривичен суд Скопје, како што кажа и претходно, по денешните изјави со соопштение хронолошки објасни како не бил проблемот кај него, туку кај вештаците од Бирото за судски вештачења.

    Оттаму се правдаат дека испратиле 9 ургенции до Бирото за судски вештачење за навремено изработување на супервештачењето и за ургенциите и за одолговлекувањето велат дека го известиле Судскиот совет, а за случајот го запознале министерот за правда.

    „Заради сето тоа, оштетените треба да знаат дека судот заради сензибилноста на случајот ја водеше постапката со забрзано темпо и покрај ограничувањата од ковид мерките. Медиумите и невладините организации беа присутни на секоја расправа и е одговорено на сите барања од странките. Но, во овој момент судот, исто како и оштетените и другите странки во постапката, веќе цела година е во исчекување на наодот од Бирото за супер вештачења, па заради тоа ги упатуваме оштетените, одговор да побараат и самото Биро со оглед да на нашите ургенции, а и целиот медиумски интерес за предметот, не влијаат за побрзо завршување на постапката“, се вели во судското соопштение.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира