Министерите за култура на Македонија и Бугарија, Бисера Костадиновска-Стојчевска Велислав Минеков, ги отворија денеска новите простории на бугарскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје. Костадиновска-Стојчевска рече дека дека бугарскиот центар во Скопје и македонскио во Софија ја имаат целта „да нė поврзат, да нė едуцираат едни за други и преку културата да нė доближат и како народи и како пријатели“.
„Во новите простории на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, посакувам да се всели нова енергија во македонско-бугарските културни релации и со убава емоција да се разгори страста за уметничка креативност како ’поле за културен натпревар‘ во кој победник е културата“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерот Минеков рече дека е задоволен од отворањето на новиот простор во центарот на Скопје, кој се промовира речиси по 20 години од отворањето на бугарскиот центар во земјава.
„Културно-информативните центри се мост кој создава услови за просперитет и зближување на двете култури, и кој го обезбедува заслуженото место на културата во општествата“, рече Минеков.
Центарот се отвори со изложба на дела од современи уметници од Македонија и од Бугарија.