Против негувателките во гевгелиската градинка кои биле задолжени за групата каде се повреди десетмесечното бебе ќе има дисциплинска постапка, за што предлог веќе доставила директорката, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Министерството денеска направи вонреден инспекциски надзор во клонот „Цветови“ во Гевгелија за да ја утврди фактичката состојба за настанот кој се случил во вторникот, а го објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Директорката на Јавната општинска установа за деца, градинка ‘Детска радост’ Гевгелија, поднела предлог за поведување на дисциплинска постапка против негователките и донела Решение за формирање на комисија за утврдување на повреда на работната дисциплина. При вонредниот инспекциски надзор е утврдено дека директорот постапил согласно одредбите од Законот за заштита на децата. Според дадените изјави на негувателките, детето се стекнало со гребнатинки при пад во игра со останатите деца кои биле санирани, а мајката ја информирале при преземањето на детето од установата“, соопшти Министерството.
Случајот од вторникот, вчера беше пријавен и во полицијата од таткото на бебето. Тој во пријавата навел дека вработените во градинката ја запоставиле својата должност и ја оставиле неговата десетмесечна ќерка без надзор кога била повредена.
Од МТСП апелираа до политичките партии да не се користат децата за партиски цели, при што ги демантираа изјавите од ВМРО-ДПМНЕ дека инволвираните во случајот „го криеле бруталното насилство врз десетмесечно бебе во градинката“. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа одговорност од негувателките, разрешувањена директорката Елизабета Стоименова и оставка од министерката Јована Тренчовска.
Од почетокот на годинава, МТСП ѝ ги одзеде ингеренциите на Општина Гевглија за градинка „Детска радост“.
В. ТРАЈКОВ