Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ) побараа оставка и ги осудија навредите и пцостите на директорот на Топланата „Скопје Север“ Куштрим Рамадани упатени кон новинарката Катерина Додевска од МКД.МК. Наместо одговор на легитимно поставено новинарско прашање за работата на топланата, во телефонски разговор помеѓу Додевска и директорот Рамадани, поврзан со тема околу дозволите на оваа топлана, Рамадани на груб начин со недоличен речник ја пцуе новинарката со зборовите „Пи*ка ти материна… матер ти е*ам!“. Недостојното и навредливо однесување на директорот го осудија и Советот за етика и Агенцијата за медиуми.
Додевска контактирала со директорот пишувајќи за користење енергенс во топланата којшто повеќе ја загадува животната средина и го загрозува здравјето на граѓаните. „Скопје Север“ е сопственик на топловодна мрежа и на топлана за загревање на скопските населби Чаир, Топанско Поле и Скопје Север.
Со прогласувањето на кризната состојба со топлинската енергија, Владата преку АД ЕСМ во овој период го администрира работењето на оваа топлана. Рамадани до крајот на минатата година како кадар на ДУИ раководеше со МЕПСО, а од април е директор на „Скопје Север“.
„ЗНМ алармира дека ваков однос кон новинарите и медиумските работници од страна на одговорни лица е недозволив и непримерен. Лична пресметка со новинарите или медиумските работници во ниту еден случај не може да биде оправдана и затоа овој однос може да води кон самоцензура. Ваквиот однос претставува и притисок на слободата на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес. Директорот Рамадани исто така, според разговорот објавен на МКД.МК, се заканува со тужба на новинарката Додевска без никаква основана причина, што дополнително говори за нискиот капацитет за професионална комуникација“, велат од ЗНМ.
Од ССНМ велат дека се згрозени „од вокабуларот и односот на директорот на топлана Скопје Север, Куштрим Рамадани, кој непримерно се однесуваше кон новинарката на МКД.МК, Катерина Додевска, додека таа професионално ја вршеше новинарската професија“.
„Го потсетуваме Рамадани дека е јавен функционер и неговиот однос е недозволив“, соопшти ССНМ.
Од ЗНМ побараа директорот Рамадани веднаш да поднесе оставка, а посочија и дека стојат на располагање за правна помош на новинарката во случај на судски спор.