Болеста мајмунски сипаници отсега ќе биде позната како мпокс, објави Светската здравствена организација. Преименувањето следува по поплаките за расистички и стигматизирачки јазик поврзан со името на вирусот.
Старото име ќе се користи паралелно со новото уште една година, по што ќе биде целосно исфрлено од употреба. Името мпокс било избрано по долги дискусии, во кои учествуваа експерти, држави и јавноста.
„Новото име лесно може да се користи во англискиот и во другите јазици“, соопшти СЗО.
Овој вирус првпат бил идентификуван во 1970 и досега беше карактеристичен за централна и западна Африка. Оваа година имаше невообичаено големо ширење на вирусот во Европа, при што случаи на зараза беа потврдени во 29 земји, како и во Канада, САД и Австралија. Најголем дел од заразените биле мажи кои имале секс со мажи.