ПОГОЛЕМАТА САМОСТОЈНОСТ НА ОПШТИНИТЕ ЗАВИСИ ОД ПОЛИТИЧКАТА ВОЛЈА НА ПАРТИИТЕ, КАЖА МИНИСТЕРОТ ПЕНОВ ВО ТЕТОВО

    ПОГОЛЕМАТА САМОСТОЈНОСТ НА ОПШТИНИТЕ ЗАВИСИ ОД ПОЛИТИЧКАТА ВОЛЈА НА ПАРТИИТЕ, КАЖА МИНИСТЕРОТ ПЕНОВ ВО ТЕТОВОПенов вели дека на поголемите општини треба да им се даде поголема можност да функционираат самостојно (Фото: СДК.МК)

    Кога општините ќе имаат поголема децентрализација, зависи само од пратениците во парламентот, кажа министерот за локална самоуправа Ристо Пенов по денешниот состанок со градоначалникот на Тетово, Билал Касами. Посетата на Тетово е дел од агендата на Пенов, кој планира да ги посети сите општини во државата.

    „Датум не може да има, но на тие процеси се работи. Се чека моментот кога ќе има политичка волја за еден таков системски закон да помине и во парламентот. Од една страна, точно е, на поголемите општини како Тетово треба да им се даде поголема можност да функционираат самостојно. Но, исто така, има и општини кои сè уште не можат да исполнат мали ингеренции како што треба. Парламентот сега е блокиран, не е реално да се очекува да отвориме една таква дебата во овој момент“, изјави Пенов.

    Тој истакна дека кога се зборува за децентрализација на општините, пред сè, се мисли на финансиската децентрализација, односно општините да добиваат повеќе средства од државата кои ги собира преку данокот на додадена вредност.

    Касами потенцираше дека во сегашната ситуација општините немаат доволно можности да им излезат во пресрет на граѓаните и затоа е потребно да се зголеми динамиката на децентрализацијата.

    „Има некои предлози, има разговори и во Владата за продолжување на таа динамика, но, за жал, кај нас од сè се прави политика. Мислам дека развојот на општините нема ниту етнички, ниту политички карактер, туку тоа е во интерес на сите граѓани“, изјави Касами.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира