Демократите ја утврдија својата контрола во американскиот Сенат откако го освоија местото во Џорџија, каде што Рафаел Ворнок го победи републиканецот Хершел Вокер. Партијата на Џо Бајден сега има мнозинство во горниот дом на Конгресот од 51-49.
Трката во Џорџија остана нерешена по изборите за Конгресот минатиот месец откако ниеден од кандидатите не освои 50% гласови, иако Ворнок беше во предност за 37.000 гласови.
Поразот во Џорџија е печат на разочарувачките изборни резултати за Републиканската партија, која очекуваше да ја преземе контролата во двата дома на Конгресот, што на крајот ѝ успеа само во Претставничкиот дом, што, сепак, може да биде доволно да се попречува агендата на Бајден. Исто така, Вокер е последниот во серијата поразени кандидати кои беа поддржани од Доналд Трамп, кој, и покрај тоа, уште еднаш ќе се кандидира за претседател на САД во 2024.