Државната изборна комисија во 3.30 часот утринава ја прекина јавната расправа за приговорите поднесени од политичките партии за изборите одржани на 11 декември. Комисијата денеска на пладне ќе продолжи со работа.
ДИК досега одби седум од приговорите на Беса, а графологот кој треба да вештачи потпис на избирачко место по осмиот приговор на Беса стигна во ДИК непосредно пред одлагањето. Сѐ уште не е пронајден записник по образец 15 за едно избирачко место во општина Теарце во ИЕ 6. Комисијата вчера расправаше за четири од предлозите на СДСМ, кои ги одби.
Синоќа, некаде околу 22 часот, неколку стотини граѓани приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ се собраа пред седиштето на ДИК и протестираа против приговорите на СДСМ и на Беса. Тие, како што изјавија, сметаат дека некој се обидува да ја украде нивната изборна победа.
На протестот се скандираше „Ќосето е жив“ и одвреме навреме се пееше „Нека разберат клетите Шиптари“.
Антонио Милошоски, Влатко Ѓорчев и Илија Димовски ја повикаа ДИК да ја признае „чистата победа на ВМРО-ДПМНЕ“. Директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Валентина Божиновска, рече дека ова е „ноќ на ножевите“, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, упати порака до „измеќарите на странските служби“, а директорот на Државниот архив, Филип Петровски, се обрати до неименуван амбасадор, додека собраните скандираа „лопови, лопови“.
Протестот заврши мирно кога заврши и работата на Комисијата, а на тие што беа дојдени со автобуси им беше речено да преспијат во автобусите се до конечната победа.