БЛИСКУ СМЕ ДО ОДЛУКАТА ДА ПОБАРАМЕ ВРАЌАЊЕ НА СРПСКАТА ВОЈСКА ВО КОСОВО, ВЕЛИ БРНАБИЌ

    БЛИСКУ СМЕ ДО ОДЛУКАТА ДА ПОБАРАМЕ ВРАЌАЊЕ НА СРПСКАТА ВОЈСКА ВО КОСОВО, ВЕЛИ БРНАБИЌВо трите мултиетнички населби во Косовска Митровица синоќа упаднаа стотици припадници на косовската полиција (Фото: КоССев)

    Претседателката на српската влада Ана Брнабиќ изјави дека косовскиот премиер Албин Курти ги довел Србите и Албанците до работ на војна и најави дека Србија е близу одлука да побара враќање на своите сили во Косово.

    „Секој ден се кршат и бриселскиот и кумановскиот договор. Блиску сме, согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, да побараме враќање на нашите сили во Косово затоа што КФОР и Еулекс не си ја вршат работата и не ги штитат Србите јужно и северно од реката Ибар. Србите не се чувствуваат безбедно и физички и животно се загрозени“, кажа Брнабиќ, додавајќи дека денеска ќе му ги изнесе деталите на претседателот Вучиќ.

    Таа оцени дека сè што прави Курти е опасност за Србите, Албанците, па и за Европа.

    „Тоа е политика од 18. и 19. век. Многу сум загрижена и лошо спиев ноќеска“, кажа српската премиерка и го обвини Брисел дека не реагира и дека му е партнер на Курти.

    Во трите мултиетнички населби во северниот дел на Косовска Митровица денеска е мирно откако таму синоќа упаднаа стотици припадници на косовската полиција. Обвинувајќи го Курти дека сака да го окупира северот на Косово, Белград објави дека е подготвен да испрати илјада војници во Косово и Метохија. Приштина појасни дека испраќањето на полицијата имало за цел да го зајакне нејзиното присуство во деловите на градот во кои живее етнички мешано население.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира