БИТОЛСКО СМОЛЕВО СТАНУВА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАРК

    БИТОЛСКО СМОЛЕВО СТАНУВА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАРКТрасирани се четири видови на патеки: ендуро, пешачка, поврзувачка и нагорна. (Фото: СДК.МК)

    Во завршна фаза е изградбата на велосипедскиот парк во рекреативната зона Смолево во Битола. Велосипедистите од Битола добиваат свое катче со организирани и означени патеки. Трасирани се четири видови на патеки: ендуро, пешачка, поврзувачка и нагорна.

    Ендуро патеката почнува од каналот и завршува точно кај црквата „Св. Атанас“ во Смолево. Таа е со умерена тежина и е во категоријата на патеки за спуст со должина од 1.500 метри. Пешачката патека од Смолево до каналот е долга 1.300 метри, дел од неа веќе постоеше, но е комплетно проширена и расчистена. Има и поврзувачка патека наменета за спуст надолу кон Смолево со должина од 600 метри. Нагорната, пак, започнува од црквата и се движи нагоре до каналот, таа е од лесен тип и служи за искачување со велосипед, долга е 2.400 метри и околу два метри широка.

    Во завршна фаза е изградбата на велопседскиот парк во рекреативната зона Смолево во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Проектот е финансиран и одобрен од Министерството за локална самоуправа за време на претходниот министер Горан Милевски. Носител е „Екстрим Бајк тим“ од Битола, а партнери се Општина Битола и Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во Македонија. Меѓу изведувачите на терен има и имплементатори од Словенија.

    „Со целосната имплементација на овој проект се надеваме од наредната година да почнеме да организираме ендуро натпревари на патеките и тоа од балкански, па и европски карактер. Придонесот кој што ќе произлезе од овај проект ќе биди од огромно значење за развој на овој спорт во целиот регион, зголемување на туристичката понуда во делот на планиснки велосипедизам кој зема се̍ поголем замав на Балканот, добри навики за многу млади деца уште од мала возраст да се обидуваат да возат велосипед на планина, како и за најискусните велосипедисти да имаат каде да ги подобруваат способностите и вештини “, велат од „Екстрим бајк тим“ од Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира