Три недели пред крајот на првото полугодие, во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, започна замена на подовите во училниците, поради што од вчера учениците се на онлајн настава. Родителите реагираат поради ваквата одлука, а надлежните тврдат дека реконструкцијата ќе заврши за една недела, а била неопходна затоа што Општината им префрлила пари кои треба да ги потрошат до крајот на годината.
„Ова мораше да се заврши во оваа календарска година. Средствата се обезбедени од буџетот на Општина Куманово и на училиштето се доделени со ребалансот на буџетот. Ако се чекаше до зимскиот распуст за три недели ќе ги изгубевме, и затоа се нафативме сега да интервенираме. Проектот се работи со знаење и одобрување на општинските власти и Министерството за образование и наука. Сите потребни дозволи за преминување на онлајн настава се обезбедени, а добивме и одобрување од Училишниот одбор. Реакциите на родителите што доаѓаат до нас се позитивни, сето ова се работи за децата“, вели директорката на училиштето Марија Тодоровска.
Наспроти ова, повеќето родители велат дека реконструкцијата требало да се прави во текот на летото или да го чека зимскиот распуст. Тие сметаат дека во овој момент одлуката е на штета на децата, затоа што онлајн наставата не е иста како и со физичкото присуство, особено во време кога се проверува знаењето од првото полугодие, а дополнително се оптоварува семејниот буџет затоа што треба да греат повеќе простории за настава од дома.
„Јас онлајн наставата би ја забранил со закон. Децата несериозно ја сфаќаат обврската, а не можеш ни да ги натераш да се сконцентрираат и да следат како на час. Не знам како ќе се изведат оценките за полугодие. И да тргнат од понеделник, ќе биде пренапорно за 10 дена да се изведат сите тестови, контролни и испрашувања“, вели еден родител.
Во периодот додека трае реконструкцијата, онлајна настава ќе следат и учениците од основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, кои се сместени во гимназиската зграда, затоа што кровот во нивното училиште протекува.
Реконструкција на подовите ќе се изврши во сите 30 училници во училиштето, кои се стари повеќе од 35 години. Во исто време се работи и на реконструкција на подрумскиот дел на училиштето, а двете инвестиции чинат вкупно 7 милиони денари.
Од почетокот на годината училиштето доби нова фасада, кров, прозорци, а проектот чинеше околу 21 милион денари.
С. НИКОЛИЌ