Педесетина работници од фабриката „Медицинска пластика“ од Тетово денеска одржаа протест и побараа конечно да им се исплатат заостанатите плати, здравственото и пензиското осигурување и акциите кои ги купиле при приватизацијата на фабриката. Тие нагласија дека ова го чекаат веќе 16 години откако е покрената стечајна постапка за фабриката, а сега разбрале дека местото и објектите на фабриката сакала да ги купи некоја странска фирма, па се плашат дека повторно ќе извисат.
„Шеснаесет години откако е затворена ‘Медицинска пластика‘ ние сме по судови и го бараме она што ни следува, а тоа се заостанати 30 плати, акции на фирмата купени со лични средства и неплатени придонеси за здравствено и пензиско од 2002 до 2006 година. Станува збор за околу 500 вработени, кои по толку време и по голем број судски рочишта и потпишани вонсудски спогодби не можат да си го добијат она што е нивно. Ние продолжуваме да си ја бараме правдата по судови, но никој не ни врти глава бидејќи овде се работи за тежок криминал. Досега многу пати сме протестирале, но безуспешно. Слушаме дека има најава дека некоја странска фирма ќе ги купи местото и објектите. Немаме ништо против тој што продава и тој што купува, но бараме да ни се исплати тоа што ни се должи“, изјави Верица Ивановска, поранешна работничка во „Медицинска пластика“.
На 14 декември 2006 беше прогласен стечај во фабриката, а работниците беа отпуштени. Стечајната постапка се одвивала во наредните шест години, но работниците не се обесштетени, иако биле најголемиот доверител.
„Стечајот го активираше ‘ТТК банка‘. Во моментот кога отидовме во стечај фирмата имаше пет големи доверители. Еден од нив беше ‘ТТК банка‘, на која ѝ се должеше околу 880.000 евра. Обврските кон вработените беа два милиона евра за плати, придонеси и акции во фирмата. Кога отидовме во стечај, само кај нас во фабриката имаше залихи на производи и материјали од над 550.000 евра, а залихите во Белград беа уште поголеми. Сето тоа се продаде, но ние ништо не добивме. Нè натераа некако да потпишеме вонсудска спогодба, во која се признава обврската кон нас и стои дека по три години треба да ни се исплатат парите што ни се должат, но тоа не се реализираше“, вели Михајло Илиќ, поранешен вработен во фабриката.
„Медицинска пластика“ прво работеше во составот на ХЕК „Југохром“, а со процесот на приватизација стана акционерско друштво, во кое сите акции ги имаа откупено вработените со сопствени средства. Во тој период „Медицинска пластика“ важаше за една од најрентабилните фабрики за производство на медицински производи за еднократна употреба и беше единствена од ваков вид во поширокиот регион. Но, поради направени долгови, беше активирана банкарска хипотека од страна на „ТТК банка“ и фирмата ја зеде „Тетекс“, во чиј состав беше банката. Веднаш потоа беше покрената и стечајна постапка.
З. АНДОНОВ