ВИШИОТ УПРАВЕН СУД ГО ВРАТИ НА ПОВТОРНО СУДЕЊЕ СЛУЧАЈОТ ЗА ОДЗЕМЕНАТА КОНЦЕСИЈА НА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА 

    ВИШИОТ УПРАВЕН СУД ГО ВРАТИ НА ПОВТОРНО СУДЕЊЕ СЛУЧАЈОТ ЗА ОДЗЕМЕНАТА КОНЦЕСИЈА НА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА Активистите на „Здрава Котлина“ лани одржаа протест пред Вишиот управен суд, за конечно да се реши случајот со рудникот Иловица-Штука. (Фото: СДК.МК)

    Вишиот управен суд ја прифати жалбата на „Еуромакс ресоурсис“ на одлуката на Управниот суд за отфрлање на нивната тужба, со што се потврди одлуката на Владата за одземање на концесијата Иловица 6 за рудникот на планината Огражден. Ова значи дека предметот за одземање на концесијата се враќа кај Управен суд на повторно судење. Ова е трет пат како Вишиот управен суд поништува решение на Управен кој ја одбива жалбата на „Еуромакс“ за одземената концесија.

    Новото решение на Вишиот управен суд ги вознемири активистите против рудници во Струмичко „Здрава Котлина“ кои очекуваа конечно да се затвори прашањето со рудникот Иловица. Според нив, концесионерот „Еуромакс“ немал исполнето седум од деветте обврски што ги носи концесијата, a Вишиот управен суд без никаква аргументација го враќа случајот на повторно судење.

    „Судството во Македонија е системски до срж корумпирано, а најголема причина за тоа се политичките партии кои го контролираат преку своите тефтерчиња. Скандалозна пресуда на Виш управен суд во која најсрамно без никаква правна аргументација и целосно игнорирање на утврдени факти се дрзнува да прашува дали во 2022 има услови за издавање на дозвола за експлоатација, на нецелосно барање подесено во 2019, а крајниот рок за такво целосно барање е до 2016“, велат активистите од „Здрава котлина“.

    Во образложението на Вишиот управен суд за повторно враќање на предметот, се наведува дека прво треба да се утврди дали постојат услови за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини на локалитетот Иловица.

    „Судот смета дека прво треба да се реши овој предмет, да се утврди дали постојат услови за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини руди на бакар и злато на локалитетот Иловица, односно овој предмет е претходно прашање од чие решавање ќе зависи решавањето по предметот кој се однесува на раскинување на договорот во кој како договорна страна се јавува тужителот“,  стои во образложението на Вишиот управен суд кој расправал во состав Субхи Јакупи, претседател на Советот, и членовите Дијана Димитрова и Емрија Зубери Амити.

    Активистите на „Здрава Котлина“ лани ова време одржаа протест пред Вишиот управен суд, за конечно да се реши случајот со рудникот Иловица-Штука при што побараа да престане префрлувањето на предметот од една до друга судска инстанца, бидејќи според нив, поради неисполнети услови од Договорот за концесија, беспредметно е да продолжат судските рочишта.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира