Ќе се гради нова гондола од Тетово до Попова Шапка во рамките на проектот за реобнова на ски центарот. Министерот за животна средина Насер Нуредини денеска заедно со претставници на италијанската фирма „ТехноАлпин“ го презентираа проектот за ски центарот. Како што кажа Нуредини, за да прерасне Шапка во врвен ски центар потребно е повторно да работи гондолата од градот до планината.
„Инвестицијата без гондола нема да целосна, затоа ќе се прави нова гондола, сегашната инфраструктура не може да се користи оти е многу стара. Првата фаза од инвестицијата е во вредност од 55 милиони евра во првата фаза на имплементација, и вкупна инвестиција од повеќе од 180 милиони евра во следните 6 фази од реализација на оваа сериозна инвестиција”, кажа министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Проектот кој го презентираше инвеститорот се состои од 7 фази на реализација, а првата е предвидена во следните 5 години со интегрирање на постоечките капацитети на Попова Шапка и изградба на нови ски патеки и жичници.
„Ќе се интегрираат постојните падини, а понатаму ќе се направат и нови 16 ски патеки и развивање на ски-центарот кон северниот дел. Ќе се изградат 9 нови жичници, а на почетокот од реализацијата на проектот ќе се направат две од нив. Во првата фаза ќе се изградат системите за вештачки снег, целосно автоматизирани и да бидат поврзани со софтверот на компанијата со што ќе се гарантира отворање на сезоната на почетокот на декември, а затворање на ски-сезоната кон крајот на месец март“, кажа Немања Џого од компанијата „ТехноАлпин“, од Болцано, Јужен Тирол во Италија.
Предвидена е инвестиција и во крос кантри скијање и би се изградиле 15 километри вакви патеки. Во првата фаза ќе се прават два нови спа хотели, а вкупно 4 во целиот проект, како и два планинарски дома со 160 легла, ресторан и пицерија.
А. АНТЕВСКА