Словенечката влада објави дека ќе субвенционира авиокомпании со цел да ја подобри воздушната поврзаност на земјата следната година, а меѓу новите дестинации ќе биде и Скопје., објави специјализираната веб страна за авиосообраќај „Ексјуавиејшн“.
Словенија досега обезбедуваше ограничени средства за авиокомпаниите кои веќе летаат кон земјата, но сега планира да поттикне отворање на нови линии. Министерот за економски развој и технологија Матјаж Хан кажа дека фокусот ќе биде на регионалните линии и истакна дека Скопје ќе биде една од дестинациите за кои владата ќе обезбеди субвенции. Главниот град на Македонија беше една од најфреквентните регионални линии пред пропаѓањето на националниот авиопревозник „Адрија ервејс“ во септември 2019.
„Со банкротот на ‘Адрија‘ ја изгубивме врската со Скопје, и покрај фактот дека оваа линија беше една од поредовните. Следната година, Министерството за економски развој и технологија ќе субвенционира авионски летови за европски и регионални дестинации. Скопје ќе биде дел од тоа, што е многу важно за економијата и туризмот“, кажа Хан.
Неодамнешните разговори на словенечката влада со нискобуџетните авиокомпании Визер, Рајанер и Изиџет кои бараа субвенции за да отворат нови линии од Љубљана, завршија неуспешно.